Букбокс гледаше во пресрет на Македокс: „Насмеана Грузија“ (2023)

Добриот документарец се познава по тоа што избраната тема изгледа како да е измислена, а не е. Останува да се вклучи камерата и да се сними она по што вистинскиот живот ја надминува фикцијата.

Тоа дека политичарите даваат лажни ветувања за време на избори е стандардна вистина, веројатно oд оние ретките, универзални кои се разбирливи насекаде кадешто стапнала долгата нога на демократијата.

Оттаму, приказната за лажните ветувања дадени во Грузија за време на претседателските избори од 2012 навидум по ништо не би требало да се разликува од оние дадени во САД, Индија или во Македонија. Ама „Миша“ (Михаил Саакашвили), како што го викаат Грузијците нивниот поранешен претседател, се издигнал над сите светски лидери по својата креативност. Тој на своите гласачи, особено на оние постарите, во изборната кампања им ветил - насмевка. И тоа не метафорична, туку реална здрава насмевка, со сите заби, како за реклама за станбен кредит или за паста.

Луѓе ко луѓе, поверувале и организирано пошле на вадење заби. Биле вадени и расипани, и скршени, но и здрави. Некој што ги имал само неколку во устата останал без ич. Вадењето завршило и дошле изборите. Беззабите баби и дедовци гласале, замислувајќи си ја широката насмевка по победата на добродетелот. Ама...Миша загубил. Кога дошле да си ги бараат бесплатните вилици им рекле дека ќе мора да си ги платат. 

Од оваа приказна во моментот на снимањето на документарецот на сценаристот и режисер Лука Бераџе имаат поминато осум години. Тој ги интервјуира обеззабените, кои се имаат помирено со судбината и дури веќе и не се жалат. Приказната ја раскажуваат без лутина, како да се работи за нешто необично, но не и скандалозно. Животот за сиромасите тече паралелно со замислените, ветените и никогаш исполнетите промени - кравата треба да се измолзе, чајот да се зоврие, свадбите да се прослават, лебот да се замеси. Пред да се касне, тој да се топне во млекото, за да може да го изџвака штрбата уста. 

Но во таа 2020-та доаѓаат други избори, овој пат локални, и приказната за забите се актуелизира, како и секогаш кога едниот табор сака да поентира на минати гревови на опонентот. Надреално звучи и името на партијата-опонент на Миша- ГРУЗИЈСКИ СОН. Веројатно во спрега со неа, во селото Безимено (и ова звучи како измислено, ама во филмот се појавува асли знак со вакво име) доаѓа новинарка од онакво реално шоу што организира хуманитарна помош. Нејзината мисија - да им направи вилици на селаните. Сцената во која таа влегува во селските дворови со цела екипа сниматели, тонци и асистенти изгледа како од најдобрите европски комедии. „Зошто ме донесовте кај жена што има вилица?“, им вели таа луто на соработниците кога сфаќа дека нејзината соговорничка не е најдобриот кандидат за шоуто. „Ама мене ми треба нова“ - се бори за своето право бабата.  

„Насмеана Грузија“ е на програмата на Македокс на 16 август во 23 часот во Куршумли ан. Ви ветуваме дека додека го гледате на моменти ќе се насмевнувате, но почесто ќе зачкрипите со забите. Среќни што ви се уште во устата.

Илина, Букбокс

Цела програма по денови на Македокс

14 август 2024 - 08:09