Гледањето на „Виновниот“ ни овозможи да направиме две нешта по прв пат - да гледаме дански филм синхронизиран на француски, третина од филмот чудејќи се зошто побогу полицијата во Копенхаген би зборувала на овој јазик (следните две третини веќе бевме вовлечени во приказната и мрзливи за да бараме друга снимка). И да гледаме две верзии на еден ист филм непосредно една по друга, а не да дадеме време првата да слегне пред да правиме споредба.
Den Skyldige како што гласи оригиналниот дански наслов и The Guilty, кој е негов американски римејк, имаат речиси идентично времетраење, а причините за ова стануваат јасни токму ако филмовите се гледаат во растојание од десетина минути. Бидејќи репликите од првиот се уште свежи, очигледно е дека американската верзија на сценариото е практично копи/пејст превод на данското, со тук и таму по некоја разлика во американските наспроти скандинавските имиња на ликовите.
Приказната е тешко да се раскаже без спојлери, но да се обидеме: Aсгер (Јакоб Седергрен) и Џо (Џејк Гиленхол) се полицајци во ноќна смена во центар за итни повици (112 во Данска, 911 во САД). Ликот ја почнува ноќта вознемирен бидејќи следниот ден го очекува судење за претходно извршено кривично дело - убиство на невино, 19-годишно момче додека бил на должност. По неколку горе-долу банални интервенции, тој добива повик од жена која е наводно киднапирана од својот бивш сопруг по жестока караница помеѓу нив. Двете деца, седумгодишно и бебе, се останати сами дома. По проверката на телефоните и адресите, станува јасно дека мажот е поранешен затвореник.
Од тука натаму се случуваат неколку паралелни комуникации, со колегите на терен кои го бараат белото комбе, со постарото дете, но и со партнерот на Асгар/Џо кој очигледно би сторил сè за него, па дури и би ги нарушил процедурите само да обезбеди некаков податок кој би помогнал во разрешување на случајот. Преку нивните разговори дознаваме дека тој (Рашид во данската, Рик во американската верзија) е всушност главниот сведок на утрешното судско рочиште и дека постои некаков договор меѓу нив тој да излаже во корист на пријателот. Она што следи длабоко ќе ги растресе уверувањата на Асгар/Џо и ќе го натера да го преиспита својот став кон избегнувањето на правдата. И сето ова во час и половина во кои во кадарот не се појавува речиси никој друг освен главниот лик.
Филмот може да се користи како нагледен пример за анализа на разликите помеѓу европски и американски филмови, со тоа што човек не може а да не биде иронично настроен кон вторите. Еве и зошто:
- Додека Асгар во првата верзија како стрес-терапија во раката стиска онакво гумено топче, Џо во втората постојано си игра со апаратче за астма, но никогаш не сфаќаме зошто неговата болест е битна за дејството, освен како генерална дополнителна ранливост;
- Многу елементи во американската верзија се „нацртани“ за гледачот, односно се непотребно дообјаснувани. Во првата за приватниот живот на полицаецот, што влијае врз неговите одлуки, го знаеме само тоа дека жената го напуштила. Но во втората сето тоа е драматично и обилно акцентирано, со постојано потсетување на сликата на неговата мала ќерка на мобилниот;
- Бидејќи кадрите главно го опфаќаат горниот дел од телото на главниот лик (90% од времето седи и разговара на телефон), во американската верзија ни е овозможено разбивање на монотонијата со кратките ракави на Гиленхал („напумпан Кире Лазаров“, искоментираа домашните) и неговите мускулести раце кои на чуден начин некако успеваат да му са најдат во фокусот (наспроти „здодевната“ униформа со долги ракави на Данецот);
- Катарзата на крајот од филмот во данската верзија се случува така што на гледачот му остава слобода да си претпостави со каков став ќе појде Асгар на суд неколку часа откако ќе излезе од оперативниот центар. Во американската не само што таков простор нема, туку и телевизиски гласови ја заокружуваат приказната на таков начин што не остава простор за морална дубиоза.
Патемни забелешки:
- Кога американски полицаец се јавува на 911 тој се претставува како оператор број тој и тој. Кога дански полицаец го прави истото го кажува полното име и презиме;
- Американците во оперативните центри вртат телефон компјутерски, со тастатура или маус и постојано користат блутут слушалки. Данците уште стискаат копчиња и креваат аналогни телефонски слушалки.
Да поедноставиме - гледајте го филмот во оригинал, иако пресвртот во средината на обете верзии е подеднакво моќен. Тој нè тера да ги истражуваме сопствените предрасуди и начините на кои донесуваме заклучоци за луѓе што не ги познаваме. И притоа да сме оние виновните од насловот.
Илина, Букбокс