Букбокс гледаше: „Сент Омер“ (2022)

Заснован на вистинско судење во Франција од 2016 на имигрантка од Сенегал за убиство на својата 15-месечна ќерка, во кое главен аргумент на обвинетата и на одбраната било дека таа го сторила делото под влијание на магија.

Името на Фабиен Кабу стана познато во светските медиуми кога во 2016 таа беше обвинета за убиство со намера на нејзината 15-месечна ќерка. Три години претходно, во студениот ноември, таа допатувала од Париз со воз во приморското гратче Берк-сур-Мер, се пријавила во хотел и ги распрашувала локалците за плимата. Вечерта на плажата го подоила бебето и го оставила доволно блиску до водата сметајќи дека таа ќе го однесе со себе. Но телото на девојчето било откриено од рибар следниот ден. 

Според полициските извештаи, Кабу изјавила: „Одев кон брегот осветлена од месечината како под рефлектор. Во еден момент застанав. Таа потскокна, како да се разбуди. Ми ја гледаше дојката, па ѝ ја подадов. Останав да стојам и цврсто ја држев, велејќи: Не, не, не. Не можев да престанам. Плачев. Како да му велев некому дека не можам да го сторам тоа. Но сепак го сторив“.

Режисерката Алис Диоп, до сега позната по своите ангажирани документарци за современото француско општество, била присутна на завршницата на ова судење кое ѝ оставило длабок впечаток. Во филмот „Сент Омер“, добитник на највисоката награда на критиката на Венецијанскиот филмски фестивал, таа ги комбинира деталите поврзани со овој реален случај со приватниот живот на писателка, Рама, присутна во судницата за да се инспирира за својата следна книга, која барем на почетокот треба да е базирана на митот за Медеја. И таа, како и обвинетата, која во филмот се вика Лоранс Коли, е по потекло од Сенегал, има нарушени односи со мајка си и е во врска со бел партнер. Сличностите не завршуваат тука, а нивната потресна длабочина се разоткрива во текот на судењето.

Од друга страна, јазот помеѓу аргументите на високо образованата Коли која се обидува пред сè за себе да ги рационализира сопствените постапки, отвораат огромен јаз помеѓу нејзиниот свет и оној на современото француско општество. За неа единственото релевантно објаснување зошто би си го убила детето се фрлените клетви и уроци од страна на роднините. Во истото се сомнева и нејзината мајка, која како сведок пред судот вели: „Вие од Западот не можете тоа да го разберете“, исцрпувајќи ја со оваа реченица моќта на објаснување на нештата кои се вон човечка контрола. 

Со минимум текст, бавно темпо и чести тишини, филмот допира суштински прашања за предизвиците на мајчинството, етничката и класната припадност. Менторката на докторската на Коли, која се појавува како сведок, ја исмева нејзината желба да го проучува Витгенштајн наместо „да се посвети на некој поблизок до нејзината сопствена култура“. Ова, како и фактот дека Диоп го покажува во целост завршното обраќање на одбраната (и тоа со поглед директно упатен во камерата), но не и на обвинителството, покажува емпатија а не неутралност, и нè повикува и нас да реагираме на истиот начин.

Илина, Букбокс

24 април 2023 - 09:42