„Визијата“
„Индустријата“
„Законот“
„Програмерот“
„Партнерот“
„Уметникот“
Ова се насловите на шесте епизоди од шведската мини-серија „Плејлист“, која се прикажува на Нетфликс. Таа ја раскажува приказната за формирањето на музичкиот стриминг сервис Спотифај од секој од наведените аспекти, често нудејќи контрадикторни биографии на компанијата, која е всушност главниот лик, и на уделот во неа на останатите, човечки ликови.
Серијата може да се гледа на повеќе нивоа. Како едноставна хронолошка низа настани, таа во секоја епизода линеарно или ретроспективно раскажува едно и исто: Даниел Елк, програмер кој ја создава апликацијата која подоцна ќе стане Спотифај, го формира тимот тивки програмерски гикови, се судира со главешините на музичката индустрија, влегува во партнерството со откачениот инвеститор Мартин Лоренцон и ја најмува адвокатката Петра Хансон која ќе биде клучниот играч во обезбедувањето на авторските права за стримуваната музика. До крајот на петатта епизода сите се богати, иако не подеднакво среќни. Компромисите направени уште при носењето на раните деловни одлуки ги поткопуваат младешките идеали за бесплатна но легална музика за секого и насекаде, и само ја потврдува горчливата вистина за долгата рака на капитализмот.
Но тоа не е сè. Спотифај е резултат на одреден склоп бизнис и општествени околности, кои рака под рака со технолошките алатки кои стоеле на располагање на почетокот на 2000-тите (компанијата е официјално основана на 23 април 2006) овозможиле негова појава. И ова не е ништо поразлично од појавата и развојот на кој и да е друг научно-технолошки пронајдок во историјата на човештвото, од првите камени орудија до парната локомотива и вселенските сателити. Во пошироката слика, ова е серија за една иновација и сите бирократски, финансиски и човечки предизвици со кои се соочуваат оние кои се обидуваат да ја промовираат.
Во среден кадар се состојбите во музичката индустрија во конкретниот период, кога симнувањето торенти од Пајрт беј почнува да го загрозува нивниот лукративен бизнис и заработката на самите уметници кои се сепак последни во синџирот на исхраната. Радикалноста на „пиратите“, прикажана преку нивни ТВ појавувања и протести, се контрапункт на подготвеноста на Елк да оди по поинаков, легален пат, барем на почетокот поплочан со добри намери.
Во најдеталниот, зум кадар се карактерите и судбините на главните ликови, особено на Елк, чија човечка трансформација од маргинализиран кодер до милионер ја сведочиме особено во шестата и последна епизода, која се одвива во 2026-тата година. Ова е всушност и најангажираната, која на ниво на мисловен експеримент претпоставува што ќе се случува понатаму и со индустријата и со Спотифај и како сето тоа ќе се одрази врз благосостојбата на оние кои всушност ја произведуваат содржината - самите музичари.
Додека Елк и неговото семејство планираат да градат палата, Боби Т, една од првите артистки на Спотифај и лична пријателка на Даниел, нема пари да си плати кирија. „Не се живее од лајкови“, вели таа, самохрана мајка која работи преку ден а свири по кафани навечер за да може да се прехрани. Таа застанува на чело на движење „Изгреби ја плочата“, но дали еден таков активизам може да ги поткопа темелите на замокот на Спотифај и сличните на него? Серијата завршува со тотално неочувана сцена во која не стигнувате ни да побарате некоја посебна симболика. Алгоритамот на Нетфликс по неколку секунди веќе ви нуди друга серија, стримингот нема време за чекање, конзумеризмот се јаде самиот себеси, додека нè јаде нас.
Илина, Букбокс