На 20 септември 1954, значи пред точно 70 години, во живо на американската телевизија била пренесувана изведба на претстава под наслов „12-мината гневни“, во режија на Френклин Џ. Шефнер, а напишана од Реџиналд Роуз. Таа била дел од програмата Studio One на Си-би-ес, во која за тогаш новиот медиум - телевизијата - биле адаптирани радио драми. Во нејзини рамки, во тек на една деценија (1948-1958) биле прикажани дури 467 епизоди.
Оваа прва итерација на драмата добила три Еми награди, и тоа е само почеток на нејзиниот долг и разгранет пат, кој продолжува со филмска верзија од 1957 со Хенри Фонда и втора од 1997 со Џек Лемон. Во 2007 Никита Михалков го добива Специјалниот лав на Венецијанскиот филмски фестивал за својата адаптација „12“. Во 2020 пишувавме (види тука) и за белгиска мини-серија со истиот наслов, која иако не е базирана на оригиналниот текст, сепак асоцира на него.
Она што не го знаевме е дека постои и јапонски филм од 1991. Под наслов „Дванаесетмината нежни“, тој генерално се вклопува во рамките на текстот на Роуз, со неколку значајни разлики. Прво, додека поротата во американските и во руската верзија е составена само од мажи (оттаму и 12 Angry MEN), во јапонската во неа има три жени. Самата обвинета е исто така жена, која наводно го убила својот поранешен сопруг, со тоа што среде меѓусебна расправија на улица го турнала под камион (во оригиналот обвинетиот е 18-годишно момче кое наводно го убило својот насилен татко). Во сите случаи казната може да биде смртна, доколку се докаже дека убиството било со предумисла. Обратно, доколку барем кај еден член се појави разумно сомневање дека обвинетиот го сторил делото, поротата е должна да го дискутира случајот, до донесување едногласна одлука.
Карактеристиките на вонвременските дела како ова е токму во универзалноста на темите кои ги загатнува, што пак повлекува негова прилагодливост на различни контексти. Судирот на моралот и законот; влијанието на личните предрасуди врз носењето „објективни“ судови; предностите и мааните на демократијата; моќта на поединецот наспроти мнозинството, макар и кога станува збор за исход на еден единствен случај. Во различните верзии наративот се има прилагодувано на времето и околностите, па така верзијата од 1997 поттикнува дискусии за расните проблеми, а пак во руската верзија обвинетиот е Чеченец кој го убил својот очув, руски воен офицер. Не е случајно што јапонската верзија во фокусот има родова тема, со оглед на патријархалноста и репресивноста на ова општество кон жените. Членовите на поротата кои мислат дека девојката е невина се обвинети од останатите или за заслепеност од нејзината младост и привлечност или за сочувство поради тоа што таа е мајка. Дури и оние кои ја сметаат за виновна не сакаат да ја казнат, бидејќи мажот „сам си го барал“ со своето насилничко однесување.
И самите жени во поротата се трилинг стереотипи - помлада, дотерана и поводлива (во денешна верзија би била „инфлуенсерка“), која никако не може да изгради свој став и две средовечни, а меѓусебно спротивни, едната крајно смерна и уплашена да го искаже своето мислење и другата, која е крајно систематична и артикулирана и води детален дневник на сите податоци врзани за случајот. Еден од моментите кој укажува на разумно сомневање, пак, има врска со јапонскиот јазик, во кој „џинџер ејл“ (џинџаееру, сокот што обвинетата го понудила на жртвата) звучи исто како „шинџае“ - клетва за „умри!“ (извик што наводно го слушнал сведокот).
Она што сепак ни остави најголем впечаток нема толку врска со самиот филм, туку со неговото претставување во малубројните и многу кратки текстови за него што можат да се најдат онлајн. Во нив тој е опишан како „очигледна ПАРОДИЈА“ на оригиналниот, што било рефлектирано и во самиот наслов, во кој „гневните“ се заменети со „нежни“. Кога на ова ќе се надоврзе фактот дека Јапонија нема поротнички судски систем, произлегува дека, ако воопшто ја има, пародијата се однесува на исмевање на судскиот систем кој дозволува решавање на нечија судбина од страна на поводливи, некомпетентни и „нежни“ луѓе, кои лесно можат да прогласат некого за невин само за да не го носат на душа. Дури и оној еден кој се обидува да им го промени мислењето излегува дека го прави тоа од интимни, крајно субјективни побуди, а не поради некаква грижа за правдата.
Премиера на „12“ во МНТ, во режија на Синиша Евтимов, е закажана за 20 ноември, со 12 ѕвезди на македонското глумиште. Едвај чекаме да видиме какви локално-македонски елементи ќе содржи и какви аргументи ќе паднат за да биде поштеден нечиј живот.
Илина, Букбокс