За оние кои ги гледале досегашните адаптации на драмата „12 гневни луѓе“, насловот на оваа белгиска серија може да им асоцира на уште една варијанта на истиот текст. Иако референци на него има, ова е сепак оригинална нарација која добива на уште поголем шмек затоа што е на јазик кој не е баш вообичаен за популарна серија.
Фри Палмерс е обвинета за двојно убиство - на својата најдобра пријателка Брит, и на својата ќеркичка Рос. Двете обвиненија се поврзани откако обвинителството доаѓа до наводни докази дека Фри ги извршила двете дела - едното дваесет години пред судењето, а второто осумнаесет години подоцна. Мотивот за обете според обвинението е одмазда кон нејзиниот бивш сопруг Стефан, кој имал врска со Брит, а подоцна ѝ го одзел старателството врз детето.
Она по што оваа серија се издвојува од сличните кои следат некаков судски процес, е фокусот врз улогата на поротата и психологијата на оние кои имаат моќ да запечатат нечија судбина, прогласувајќи го за виновен или слободен. Токму ова, и практично само ова, е врската со пославниот текст „Дванаесет гневни луѓе“ (или во оригиналот - мажи), драма од Реџиналд Рос од 1954, кој има доживеано повеќе театарски и филмски адаптации, меѓу кои онаа на Сидни Ламет со Хенри Фонда во главната улога, или на Никита Михалков. Исто како и еволуцијата на текстот кој се прилагодува на правниот, историскиот и културолошкиот контекст во кој е адаптиран, така и преку оваа серија може да се следат куп детали за современите проблеми на Белгија и Европа, семејните и класните односи, економската позадина, сите релевантни за поединечните животни ситуации во кои ги наоѓаме членовите на поротата, но и за колективната атмосфера.
Што сè влијае врз концептот на вина и соодветна казна? Со каква леснотија, повлечени од субјективни претпоставки и искуства, судиме (во случајов буквално) за постапките на некој друг? Како што се развива приказната и влегуваме во секојдневните настани низ кои минуваат неколкумина од поротата (не сите 12), така полека го сфаќаме влијанието на тие исти настани врз нивните одлуки. Мајка која се чувствува виновна што не е добра мајка, но истовремено се обидува да излезе од стегите наметнати од крајно љубоморниот и насилен маж. Зависник од секс кој сака да сврти нова страница во животот. Сопственик на градежна фирма со товар на совеста откако илегален имигрант паѓа од скеле на негов објект. Сите тие имаат причини да ги проектираат сопствените предрасуди врз ликот на Фри, која можеби и не е најстабилната личност на светот, но тоа сепак не ја прави по секоја цена убиец, и тоа двоен. При правењето на сценариото се интервјуирани реални поротници и во нарацијата се вклучени и нивни искуства.
Дополнителен интересен елемент е фламанскиот јазик (белгискиот холандски) на кој е серијата, често погрешно наведувана на интернет како „холандска“. Дејството се одвива во Гент, Белгија, а со неа белгиската телевизиска продукција добива уште еден одличен „крими-ноар“ производ.
Илина, Букбокс