Букбокс гледаше

„Берлински кучиња“ (мини-серија, Нетфликс)

Можеби и не сте нешто по трилер-акции за местење фудбалски натпревари, нео-нацисти, гангста рапери, турски мафијаши и германски полицајци со сомнителен морален компас. Ама оваа серија која е за сето ова, и плус уште нешто, сепак го задржува вниманието.

Курт Гример (Феликс Крамер) е некогашен нео-нацист, бигамист, коцкар и полицаец. Неговиот морално исправен колега е Ерол Биркан (Фахри Јардим), Турчин, геј, со верба во соживот и правда. Овој јин-јанг од карактери е централната оска околу која се врти дејството, истрага за убиство на познат германски фудбалер со турско потекло, Оркан Ердем.

Списокот на потенцијални извршители е долг - нео-нацисти од Источен Берлин; турски мафијашки клан кој имал наводни врски со жртвата; илегални обложувалници и спортски менаџери кои ги уценуваат сопствените играчи. Како сето ова да не е доволно комплицирано, и приватните животи на двајцата полицајци се полни со тензични ситуации кои знаат да ескалираат во најпогрешни моменти, среде важна полициска акција или токму кога се очекува да се случи пресврт во истрагата.

Сепак, и покрај сите живописни ликови, оној што ги обединува во едно е ликот на градот и неговото подземје. Колку е тоа автентично и базирано на реалната ситуација, или пренагласено заради драмски ефект, не можеме да тврдиме. Но освен пињау-пињау моментите - напнати акциони сцени на престрелки и тепачки - серијата има и една подлабока порака. Дека не е исто дали си се родил како Тарик во Нојкелн, Леополд во Целендорф или Том во Марцан (берлински населби). Сите тие се различни лица на еден ист град, кој пак е микрокосмос составен од различни делчиња на еден поголем свет. Дали може да се избега од судбината на сопственото потекло? Кој е кучето, а кој господарот?

Ова е втора германска серија продуцирана од „Нетфликс“ по трилерот „Дарк“, а со оглед на нивната популарност сигурно не и последна.

10 јули 2020 - 17:16