Букбокс гледанка

„Бекрумс“ - хоророт што треба да го гледате и ако не гледате хорори

Што ако најстрашното место на кое можете да се најдете не е напуштена куќа, гробишта или некоја темна шума, туку сосема обичен салон за мебел? Жолти ѕидови, тепих, флуоресцентни светилки, ниски таваници, празни простории што личат една на друга. Токму од таа едноставна, речиси банална слика еден 21-годишен режисер прави филм кој плаши, иако во него не се случува ништо посебно страшно. Само прикажува како функционираат нашите „задни простории“.

Главниот лик на „Бекрумс“ (креативно би го превеле како „Задсобие“), Кларк, е поранешен архитект - сопственик на продавница за мебел. Живее меѓу изложбените простории, очигледно е во криза и постепено се повлекува од реалноста. Единствен муабет со друг човек му се сесиите со неговата терапевтка, преку кои дознаваме дека бил женет, но се развел поради проблеми со лутината и алкохолот. 

Еден ден, во подрумот на салонот, тој открива премин низ ѕидот и влегува во огромен, бесконечен систем од простории. Кога подоцна исчезнуваат и други луѓе, кои Кларк ги ангажира за да го документираат наодот, неговата терапевтка тргнува да го бара. Талкајќи низ лавиринтот заедно со ликовите, чувствуваме постојано присуство на „нешто“ неодредено опасно и страшно, кое на моменти станува и крволочно. Притоа, долго време (веројатно и после крајот) не сме баш на чисто дали тој е физичко место, паралелна реалност, производ на свеста или нешто што ги користи човечките сеќавања за да се материјализира. 

Еве неколку можни толкувања, кои ќе имаат смисла само ако веќе го имате гледано филмот - во спротивно можат да бидат и спојлери.

Универзумот на „Бекрумс“ е составен од она што веќе добро го познаваме: продавници, канцеларии, ходници, чекални, трговски центри. Само што овие простори се испразнети од луѓето и од нивната функција и визуелно се доволно искривоколчени за да ни прават „глич“ во системот. Во веројатно најдобриот текст за филмот кој зборува за врската помеѓу неговата сценографија и филозофските аспекти објавен во Гардијан се цитира архитектот и теоретичар Рем Колхас, кој за ваквите безлични остатоци на современиот свет го користи поимот „џанкспејс“. Антропологот Марк Оже, пак, зборува за „не-места“ — простори без силна врска со историјата, идентитетот и припадноста. Токму во тоа е ужасот: во свет кој сè повеќе станува униформен, каде што аеродромот, хотелот, канцеларијата и трговскиот центар можат да изгледаат речиси исто, се вртиме во кругови како заморчиња, обидувајќи се да преживееме на базично, биолошко ниво, без увид во „големата слика“, со која (како да) управува некој друг.

Тој „некој друг“ сепак не е Бог, туку инфраструктура во форма на модерна корпорација која најпрвин се занимавала со медицинска технологија односно со производство на - машини за магнетна резонанца! Дали откритието на „задсобието“ е случаен наод од скенирањето на човечките мозоци или „портата“ кон него е намерно и планирано отворена, тоа останува недефинирано. Она што е јасно е дека откако еднаш е детектиран/создаден контролираниот праг за влез во универзумот, првичниот бизнис на компанијата е напуштен и таа почнува да се занимава со следење на „субјектите“, регистрирање, мерење и обработка на добиените податоци - истражувачки процес кој сепак и после многу години не дава кој знае какви резултати. 

„Бекрумс“, барем на почетокот, може да се чита и како физичка претстава на психичката состојба на Кларк. Пред воопшто да помине низ ѕидот, тој веќе е „заглавен“ во невралното коло на неговите предвидливи реакции. Парадоксално, во Бекрумс тој за првпат пронаоѓа нешто што го возбудува. Наместо да сака веднаш да избега, почнува да му се враќа - лавиринтот станува попривлечен од неговиот вистински живот (да не заборавиме дека по професија е - архитект!). Оттука може да се разбере и чудовиштето. На прв поглед тоа е класичната закана на хоророт како жанр: нешто што се движи низ ходниците и ги убива луѓето. Но филмот постепено сугерира дека суштеството е поврзано со самиот Кларк, со неговата огорченост и со неговиот неуспех. Затоа е можно тоа да не е само жител на Бекрумс, туку материјализација на она во што Кларк постепено се претвора.

Сепак, терапевтката Мери внесува друга можност. Бекрумс не мора да биде ист за секого. Ако просторот се поврзува со индивидуалните сеќавања и со свеста, тогаш тој може да функционира како физичка форма на она што луѓето го носат во себе. Оттаму, секојдневните меѓучовечки односи под својата површина се всушност средба на некое од нивоата на нашите лавиринти, кои споени даваат нов квалитет. Колку што е односот подлабок, толку и начините на кои комуницираат нашите потсвести се подлабоки и, според филмот, многу помрачни. Некој може и да заглави засекогаш во тие ходници. 

„Бекрумс“ всушност ја презема интернет-митологијата што авторот Кејн Парсонс претходно ја развивал преку своите кратки филмови. Неговиот минималистички пристап и одбивањето да користи вештачка интелигенција звучат освежувачки, особено имајќи предвид дека тој кога почнал со идејата имал 14, а сега има само 21 година! Освен ако не заглави во некој сопствен лавиринт, од него можат допрва да се очекуваат големи нешта.

Илина, Букбокс

П.С. Фала на Никола што ме убеди да го гледам.

22 август 2026 - 09:59