Генераторот на љубовни писма што го предвидел Чет ЏПТ

Алан Туринг и Кристофер Стречи создале револуционерна компјутерска програма која овозможувала да се генерираат и испраќаат родово неутрални интимни писма, кога јавното искажување на хомосексуалната љубов била сметана за криминал.

На почетокот на 1950-тите, мали и чудни љубовни писма биле закачувани на ѕидовите на компјутерската лабораторија на Универзитетот во Манчестер.

Eдно од нив велело:

Драго мое срценце,
Ти си моето занесно пријателско чувство. Мојата приврзаност се потпира на твојата страсна желба. Мојата љубов копнее по твоето срце. Ти си моја симпатија: мое нежно посакување. 
Твој, КУМ

Историјата зад ова и зад другите слични писма е уште почудна. Тие се примери на први компјутерски генерирани текстови на светот, потпишани од КУМ (Компјутер на Универзитетот во Манчестер). Во 1952, децении пред ЧетГПТ да почне да пишува студентски семинарски и пред текстовите создадени од OpenAI да бидат генерирани во мејнстрим медиумите, двајца геј мажи, Алан Туринг и Кристофер Стречи, во суштина го измислиле пишувањето со вештачка интелигенција. 

Туринг и Стречи биле пријатели од средината на 1930-тите, кога студирале на Кингс колеџ во Кембриџ. Но додека првиот бил славен како брилијантен млад ум, вториот имал проблеми со учењето. Оценките му биле слаби и не изгледал многу посветен на студиите. Но и покрај ова, бил брилијантен компјутерски инженер, кого Туринг го препознал како интелектуален (а можеби и поинаков) партнер. 

Сè започнало кога на 15 мај 1951, Туринг настапил на радио Би-би-си со тема „Дали дигиталните компјутери можат да мислат?“, прашање кое до тогаш независно го истражувал и Стречи.  Заклучил дека компјутерот може да учи, односно да биде трениран и со време да манифестира сопствен облик на интелигенција. Сепак, неговото однесување е детерминирано од она што ќе му го понуди човечкиот програмер. За да го реши овој проблем, тој предложил трик. Компјутерот да користи еден вид рулет и случајно да бира елементи. Така ќе изгледа дека прави нешто оргинално и ново. 

Слушајќи ја емисијата, Стречи се воодушевил и се понудил да му се придружи на Туринг во понатамошното истражување. Најпрвин тие заедно ја создале првата компјутерски генерирана музика (”God Save the Queen,” “Ba Ba Black Sheep,” и класиката на Глен Милер “In The Mood”). Но потоа се фатиле за нешто уште поинтересно - генератор за љубовни писма. Дизајнирале шема за секое од писмата, која обезбедувала структура. Потоа, избор од „магацинот“ на зборови биле вметнуван во празнините, а тие често биле сентиментални и „зашеќерени“, но и со јасни еротски алузии. 

Секако, треба да се земе предвид поширокиот општествен контекст на овие случувања. Англија ја криминализирала хомосексуалноста, па во тие 1950-ти години 5.443 геј мажи биле гонети за својата сексуална ориентација. Истата, 1952 година кога е создаден генераторот на љубовни писма, Туринг бил суден за „навреда на јавниот морал“ поради флерт со помлад господин. Откако бил осуден, се согласил да биде подвргнат на хемиска кастрација, за да одбегне затворска казна. 

Соочени со ваквата суровост на системот, геј мажите дополнително се криеле. Наместо да ги искажуваат своите чувства јавно, тие ја користеле компјутерската програма за да ги изразат. 

Ако имате кому да испратите малку љубов, еве ја програмата, рекреирана.

2 август 2024 - 10:04