Во текст под наслов Notiz über den "Wunderblok" објавен во Меѓународното списание за психоанализа од 1925 (целиот на англиски тука), Фројд зборува за некаков нов можен производ, „блокче" за пишување направено од кафена смола или восок, прекриено со делумно проѕирен лист восочна хартија, над која пак има транспарентен лист целулоид.
Кога ќе се допре површината со средство за пишување, темната смола станува видлива на местата на контакт преку хартијата. За да се избрише напишаното само треба да се крене хартијата (како на оваа современа играчка за деца). Целулоуидот служи само за да се заштити восочната хартија од кинење, додека се минува врз неа.
Целта на Фројд всушност била да направи метафора со човечкиот ум, и начинот на кој памтиме. Тој имено сметал дека и покрај тоа што текстот на „блокчето" може да се избрише, сепак некаква трага врз восокот останува засекогаш, и дека таа може да се детектира под одредена светлина и агол: „Мислам дека не е претерано", пишува Фројд, „да ги споредиме целулоидот и восочната хартија со системот на перцепција и свест, и со нејзиниот заштитен штит - восочниот слој со несвесното позади него, и појавата и исчезнувањето на напишаното со наизменичното појавување и гаснење на свеста во процесот на перцепција".
„Мистичниот пад" е всушност прецизна аналогија на способноста на нашиот ум, кој исто така се состои од два слоја, надворешен заштитен штит против стимули чија задача е да ја намали моќта на дразбите кои влегуваат внатре, и на површина позади него која ги добива дразбите". Наочари, средства за подобрување на слухот, како и ова „блокче" се средства кои ги имитираат човечките способности (за гледање, слушање и памтење), но истовремено истите ги подобруваат и прошируваат.
Тој не заборавил да нагласи дека ваквиот начин на запишување (пиши-бриши) има предности кога е во прашање складирањето информации, но дека и тој има свои ограничувања. „Неограничениот капацитет на рецепција и складирањето на трајни записи изгледа дека се меѓусебно спротивни својства на системот кој го користиме како замена за нашата меморија: или рецептивната површина мора да биде обновена (во современи термини - апгрејдирана) или белешката мора да биде избришана".