Вложувањето во пријателства, а не во семејни односи или љубовни врски е весел и нужен чин на бунт, а владите треба да воспостават „министерства за пријателство“ за радикално да го преобмислат начинот на кој е организирано општеството, вели актуелен француски филозоф.
Жефроа де Лаганери на 8.3 објавува манифест за пријателството под наслов „3: копнеж за надвор“ кој претставува детален опис на неговото пријателство со двајца други писатели, Дидие Ерибон и Едуард Луис. Тројцата зборуваат по неколку пати дневно, вечераат заедно, си посакуваат добра ноќ и добро утро и си ги синхронизираат распоредите така за да имаат време за средби и долги муабети. Тој го опишува нивното пријателство како средишна точка во нивните животи, „една долга дискусија која никогаш не завршува“.
Претставен како радикален модел за истражување на елементите на добрите пријателства, манифестот на Де Лаганери го става под знак прашање „авторитарното“ инсистирање на современото општество, дека приоритет треба да имаат семејните структури и романтичните врски. Во книгата опишува како тој и другарите секогаш ги слават родендените и празниците заедно, вклучително и Божик. „Кога ги постираме нашите божикни фотки на социјалните медиуми добиваме огромен број пораки од луѓе кои велат дека ни завидуваат на можноста да ги поминеме празниците со пријателите. Ова го поттикнува прашањето: зошто овој начин на живот делува толку неизводливо?“
Чистото пријателство, не само интеракциите со соседи или колеги, според авторот мора постојано да биде негувано и да се инвестира во него, но за тоа нема модел или институционална поддршка од властите. Голем број луѓе, поради различни причини, остануваат во љубовни врски кои не ги исполнуваат, но многу поретки се случаите некој да се дружи со друг на сила.
Де Лаганери, кој е геј и има одлучено да нема деца, вели дека книгата е резултат на тага и меланхолија од тоа како е организиран современиот живот, идејата дека тој треба да се случува во циклуси: младост, студии, врска, спиење во ист кревет, деца...Ова се институционални улоги но многумина не се пронаоѓаат во таквиот вид живот. „Мојата идеја беше наспроти ова да пишувам за живот организиран околу пријателство, тоа да биде простор на контракултура против институционалните норми кои доминираат во нашето општество“. Кога би било во ред, на пример, да доцниш на работа затоа што си муабетел со пријателите до 3 наутро, тоа би било исто толку оправдано како „морам да си одам порано - сабајле ги носам децата на школо“.