Токму тоа се случи во Ријека минатиот викенд, кога „Издавачката академија" која нуди 6-месечни курсеви од областа на издаваштвото за млади до 29 години, организираше масовно читање на делови од нејзините изданија. Се работи за 3 верзии на една иста книга, составена од 8 кратки раскази собрани преку конкурс на тема „Соседи", кои имаат различен дизајн, прелом и формат.
Учесниците кои со читањето почнале на прометното Корзо, а потоа минувале по околните кафичи, се задоволни од акцијата. Но некои од минувачите се крајно вознемирени од бучавата - дури и стануваат од масите, и буквално бегаат соочени со хорското читање.
„Не се плаши, не се бој, малку читање нема да те убие, соседу мој", би можело да биде мотото и на некој сличен флеш-моб кој би се организирал кај нас.