Мотивот за пишување на книгава бил разговор помеѓу него и мајка на соученик на неговиот син. Тие требало заедно да одат во зоолошка, но мајката му се јавила на Каплан да откаже. Причина: дознала дека во зоолошката има ирвас, а знаејќи дека неговото дете не верува во Дедо мраз, се плашела сето тоа да не заврши трауматично по нејзиното, кое се уште верувало во него. Со други зборови, таа одлучила да ја расипе врската на нејзиниот син со некој којшто е реален, за да ја задржи неговата врска со некој кој тоа не е.
Според Каплан, има три начини на кој може да се разреши овој парадокс и да се помират навидум непомирливите идеи. Првиот е логиката, вториот е мистицизмот, а третиот е хуморот. Ниту еден од овие начини не ги исклучува другите, но третиот е сепак најдобар. Најлесно отпаѓа логиката, која е непособна да разреши голем број ситуации. Мистицизмот пак често делува симпатично, но може да послужи и за наметнување на суптилен авторитаризам (ако е воопшто можно авторитарното да е суптилно). Хуморот пак е некој вид „брак" помеѓу логиката и мистицизмот, затоа што ни овозможува да прифатиме две страни на некоја ситуација кои се контрадикторни, а сепак не ја блокира нашата способност за критичко размислување.
А каква врска има дедо Мраз со сето ова? Според Каплан, тој е пример на свесно конципирање на бесконечното или некаков негов аспект - ни помага да се поврземе со идејата за бесконечната љубов. На крај авторот не само што завршува со симпатии кон неговиот лик, туку станува скептичен и кон сопственото неверување во него. „Не сум ја видел и израелската супермоделка Бар Рефаели", вели тој, „па сепак верувам дека таа постои". Ние пак ја замисливме како дедо Мраз, само со капче и ирвас.