Филип Левин - поетот на работничката класа

Поранешен добитник на Пулицер, чија поезија ги содржи звуците, мирисите и болката на тешката физичка работа, почина на 13.2 во неговиот дом во Калифорнија. Имаше 87 години.

Добитник е на голем број признанија во текот на 60-годишната кариера - Националната книжевна награда (National Book Award) во 1991. за збирката „Што е тоа работа", Пулицеровата во 1995. за збирката „Едноставна вистина", и двете стипендии на фондацијата Гугенхајм. Од 2011-2012 беше поет-лауреат на САД , позиција која Конгресната библиотека од Вашингтон ја финасира секоја година почнувајќи од 1937. Со стипендија од 35,000 долари тој - избраниот поет - треба да биде „ѕвезда водилка" на поетскиот импулс на Американците и да го промовира читањето и пишувањето поезија. Токму она што го правеше Левин целиот живот.

Роден во Детроит, тој почнал да работи во локалните фабрики за автомобили кога имал 14. Искуствата со постојаните чекања пред фабричките порти за да се биде најмен за каква и да е работа, годините минати на лентите за склопување делови на Шевролет и Кадилак, сите овие крајно непоетски искуства оставиле силен печат врз неговата поезија, која со директен и непретенциозен јазик зборува за животот на „сините јаки", на работничката класа од големите индустриски градови, кои во негово време биле сметани за колевка на прогресот.

Левин сепак не е „пролетерски" поет, во смисла на некакво визионерство или бунтовност. Неговиот тон е смирен, ликовите кои ги опишува се експлоатирани но достоинствени, а работата, без оглед колку е напорна, е сепак нешто што според него човека го прави подобар. Оној кој прави луксузен автомобил е подобар човек од оној кој само има пари да го купи, бидејќи го познава занаетот и ја има силата да го произведе со сопствените раце. Отприлика тука, на тоа суптилно ниво, за Левин се одвива класната борба. Она што тој сака да го покаже преку неговата поезија е дека фабричките работници имаат свој внатрешен живот вон халите, и дека спротивно на популарната митологија, тие не се заглупени иако работат повторлива и здодевна работа.

„Видов оглас во весник дека Форд бара работници, а беше наведен и часот – осум наутро – кога ќе почнат со изборот. Стигнав околу осум, а пред мене веќе имаше неколкумина. Излезе дека од фабриката дојдоа дури во десет. Почнав да размислувам зошто воопшто најавија за осум? И потоа се сетив – па тие сакаа да чекаме два часа затоа што им требаа луѓе кои беа подготвени да чекаат толку. Со други зборови, доволно послушни луѓе кои можат да станат роботи", раскажува тој во едно од неговите интервјуа.

За разлика од повеќето негови колеги, Левин одлучил дека сака да студира, и завршил креативно пишување. Кога работел по фабриките бучавата била толку голема што додека рецитирал поезија никој не можел да го чуе. Но во годините кои следеле неговите предавања ги слушнале студентите на Колумбија, Принстон и Беркли. Машините продолжиле да му бучат само во песните.

Во прилог препев на најпознатата песна на Левин, „Што е тоа работа".

ШТО Е ТОА РАБОТА?

Стоиме во долга редица на дождот
чекајќи на Форд Хајланд парк. За работа.
Знаете што е тоа работа –
ако сте доволно возрасни да го прочитате ова
тогаш знаете што е работа,
иако можеби не го правите тоа.
Заборавете на себе. За чекањето зборувавме,
преместувањето од една нога на друга.
чувствувањето на дождецот кој паѓа како иње
во твојата коса, замаглувајќи ти го погледот
Додека не помислиш дека го гледаш брат ти
можеби десет места пред тебе.
Ги чистиш стаклата со прстите,
и нормално тоа е нечиј туѓ брат,
потесен во рамениците од твојот,
но со истата тажна подгрбавеност,
насмевка која не ја крие тврдоглавоста,
тажното одбивање да му се предадеш на дождот,
на часовите потрошени на чекање,
на знаењето дека некаде напред има човек
кој ќе рече
„Не, не ни требаат работници денес",
заради каква и да е причина.
Ти го сакаш брат ти,
и сега одеднаш едвај ја поднесуваш
љубовта која те преплавува по него, по брат ти
кој не е покрај тебе или зад тебе, или пред тебе
затоа што е дома обидувајќи се
да отспие по мачната ноќна смена во Кадилак,
за да може да стане пред пладне
да си го учи германскиот.
Работи осум часа ноќе за да може да го пее
Вагнер, операта која најмногу ја мразиш,
најлошата музика на сите времиња.
Колку време има поминато
откако си му кажал дека го сакаш,
откако му ги имаш држено неговите широки рамења,
ги имаш ококорено очите
и ги имаш кажано тие зборови,
можеби бакнувајќи го неговиот образ?
Ти никогаш не си направил нешто толку едноставно,
толку очигледно
не затоа што си премлад или премногу глупав,
ниту затоа што си љубоморен па дури ни зол
или неспособен за плачење
во присуство на друг маж, не
туку само затоа што не знаеш
што е тоа работа.

Оригиналот тука

16 февруари 2015 - 08:09