Феноменот на самозаљубениот актер-режисер

Во новиот Тhe Mule, 88-годишниот Клинт Иствуд кој си игра во сопствениот филм, си мести сцени во кои има тројка со дваесетгодишни девојки. И тој не е единствениот кој го следи старото режисерско - ш`о сакам, тоа си пра`ам.

Главниот лик во „Мјул“ е Ерл Стоун, градинар кој заработува екстра кеш пренесувајќи дрога низ Америка. Популарен е, па во филмот има ни помалку ни повеќе туку три сцени во кои му аплаудира голема група обожаватели. Иако има 90 години, заплетот вклучува две одделни тројки со млади девојки, кои буквално се тепаат за него. Притоа помладите мажи го гледаат со сомничав, но и со завидлив поглед.

Секогаш кога актерот си се режира самиот себе (и обично ваквите примери се мажи) постои шанса филмот да прерасне во испразно хранење на неговата суета. Тоа не значи нужно и лош филм, но е прилично ризичен потфат доколку ликот кој го игра тој актер/режисер не е врамнотежен со останатите, и доколку филмот е полн со излишни сцени чија единствена цел е да го прикажат како најкул на свет.

Во поновата историја на филмот има доста вакви примери. На пример кога Кевин Спејси почнал со подготовките за режирање на Beyond the Sea - биографскиот филм за пејачот Боби Дарин чиј лик требало да го толкува, имал 35 години помалку отколку Дарин кога починал. Но додека нашол пари за проектот поминала цела деценија, па најлогичниот потег требало да биде да најде помлад актер за главната улога. Секако, од суета не сакал да се откаже, па резултатот е во рангот на „така-така“.

И други „актерорежисери“ погрешно претпоставуваат дека се неодоливи. Силвестер Сталоне ги режираше Роки 2, 3, 4 и 6, играјќи на сентименталната приврзаност кон главниот лик. Дури и оној во кој никако не можело да има улога за него - лошо оценетото продолжение на „Треска на саботната вечер“, сепак вклучува негови хичкоковски појавувања во кадарот.

Списокот на суети ги вклучува и Џорџ Клуни (Leatherheads), Жан-Клод Ван Дам (The Quest), Стивен Сигал (On Deadly Ground), Кевин Костнер (Dance With Wolves). Koментатор на Гардијан кој пишува на оваа тема вели дека овие филмови создаваат чувство „како да гледаш некого како се гледа во огледало цели три часа“.

Иако суетните жени актерорежисерки се поретки, сепак една се истакнува - Барбара Стрејсенд, особено во „Огледалото има две лица“, каде има голем број сцени кои можат да се оценат како „гребење за љубов“ од публиката. Па сепак ова е далеку од нарцисоидноста на еден Иствуд или Костнер. И кој знае дали треба по ова прашање да се залагаме за родов филмски баланс.

25 јануари 2019 - 16:29