За да разбереме колку се дваесет години во медиумска смисла, подкастите се сега на точка кадешто биле ТВ драмите во 1950 или пошироко достапните плочи во 1912. „Слободен пристап“ (Open Source), шоу со дискусии за политика и култура на новинарот Кристофер Лајдон дебитирало летото 2003, и денес се смета за првиот подкаст на сите времиња (различно од радио програма бидејќи е достапно во секое време на барање на слушателот). Додуша терминот „подкаст“, којшто го пишуваме со Д по логиката дека странски зборови не би требало да се едначат по звучност, е измислен следната година од Бен Хамерсли во статија за Гардијан.
И покрај својот краток животен век, подкастите успеаа да станат културолошки релевантни, често покривајќи теми и вклучувајќи соговорници кои никогаш не би го добиле своето место во мејнстрим медиумите. Да, има тука и такви кои се само дополнување на некаков невладин проект или маркетинг/пропагандна машинерија на повисока инстанца. Но постои и широка лепеза на длабоко осмислени, истражени, емотивно набилдани, независни и крајно креативни подкасти, кои без оглед дали се направени од цела војска професионалци и соработници или од осамен ентузијаст збутан во шифоњер (поради акустиката) вредат за сите пари.
Малкумина се сеќаваат дека еден од првите подкасти го има направени Рики Жервејс, заедно со Стивен Мрчант и Карл Пикингтон, во 2005. Го пренесуваше Гардијан, што помогна до 2006 тој да стане најпопуларен подкаст на светот, со 261.670 симнувања неделно.
Споредено со денешните подкасти, освен техничкиот аспект, како речиси ништо да не се сменило. Ваквиот, комичен жанр - другари се снимаат како се пецкаат едни со други - и денес е еден од најуспешните (секако, зависи кој и како го прави). Исто така не е сменет фактот дека подкастите се генерално „направи сам“ медиум и дека тука не постојат официјални механизми на контрола - медиумот на извесен начин се саморегулира. Тука никој не е роб на некаква уредничка политика (добро, освен оние што го прават тоа за пари како дел од поголем проект), а политичката коректност, онаа изнасилената, се решава така што дури и подкаст кој засега е единствениот кој има добиено Пулицер како „Овој американски живот“ (This American Life), значи помејнстрим не може да биде, има бипкана верзија, чисто колку да се каже дека ја има.
Самото правење подкасти не е крај на приказната - често пати некој што станал популарен на тој начин ја проширил кариерата со настапи во живо, книги и целиот пакет што го подразбира медиумската слава. Се создаваат цели глобални кружоци, фанови на одредени подкасти, па во содржините често има инсајдерски жаргон и хумор што го разбираат само посветените фанови. Истовремено, во психолошка смисла, подкастите станаа неофицијална терапевтска алатка за интимно споделување на најдлабоките стравови и трауми, особено за време на пандемијата.
Со оглед на својата „направи сам“ природа, секако тука има и различни радикални, понекогаш дури и опасни струи. И тоа е нормално во ситуација на демократичност на медиумот. Но сето тоа е рефлексија на реалниот живот каков што не можеме да го видиме на мејнстрим медиумите. Опозициски ставови, алтернативни приказни за познати настани, „жешки“ детали за скандали кои не би можеле да бидат објавени на друго место.
Велат дека целната група на подкастите се „делумните нердови“, кои уживаат знаењето да го впиваат не (само) преку читање или гледање туку и преку сетилото за слух и амбиентално. Секако, ова не значи дека подкастите се само позадинска врева. Најдобрите од нив работат напорно за да бидат привлечни и со силен авторски печат.
На крај, подкастите ја менуваат поп културата и на тој начин што ја прават уметноста померитократска и транспарентна, со разоткривање на креативниот процес зад еден медиумски производ.
Во 2019 Њујорк Тајмс алармираше дека огромниот број подкасти кои се појавуваат секој месец ќе го „затнат“ пејзажот и дека со тоа ќе дојде до инфлација на бројот на слушатели. Но се случи токму спротивното - бројот на слушатели од тогаш се има удвоено. Денес, неговата светла иднина изгледа дека е запечатена. Затоа што тоа не е формат со потенцијално флуктуирачка популарност, туку состојба на умот - повеќе облик на естетика отколку медиум.
Наш избор и краток синопсис на најдобрите подкасти и нивни епизоди од последнава година
Документаристички подкаст на македонски, „Обични луѓе“ (30 епизоди)