„Кој е по ѓаволите Едгар?“, прашуваат Теја и Салена, две девојки кои ја претставуваат Австрија на овогодинешниот Евровизиски натпревар.
Нивното видео со песната веќе стана вирално, а една од можните причини покрај заразниот рефрен, можеби е спомнувањето на духот на Едгар Алан По.
„Многу добро пишуваш“, ѝ вели една колешка на друга додека стои среде ретро-опремена канцеларија на почетокот од видеото. „Не го напишав јас“, вели оваа, покажувајќи на машина за куцање. „Едгар го стори тоа“. По што следи прашањето од насловот на песната.
Теја и Селена не се првите кои се опседнати со духот на писателот. Нивната песна разоткрива необична историја на наводни постхумни соработки. Во 1850-тите група млади жени-спиритуалисти напишале и објавиле поезија која им ја „диктирал“ духот на По. Овие медиуми тврделе дека можат да ги канализираат духовите на саканите низ говор, музички инструменти и автоматско пишување. Но не само нив, туку и духовите на славни личности, вклучително неодамна починати претседатели, глобални историски фигури и добро познати писатели.
Oвие поети-спиритуалисти навистина верувале дека го имале „мозокот на По во своите раце“. Една од нив, Лизи Дотен од Масачусетс, објавила шест наводни песни од По под наслов „Песни од внатрешниот живот“ (1864). Во воведот таа ја опишува „менталната интоксикација“ која ја искусила додека се соочувала со турбулентниот дух на поетот.
Помеѓу шесте текста е и „Ресурекси“, замислена како продолжение на славната „Гавранот“. Позајмувајќи добро познати стихови и фрази од неа, Дотен создава хипнотички повторливи звуци и рими карактеристични за поезијата на По.
Денес можеме да ги вратиме гласовите на мртвите преку вештачка интелигенција. Но тие можат да оживеат и низ креациите кои се инспирирани од нив. Така, кога Теја и Салена ќе се качат на Евровизиската сцена во Ливерпул, нивната песна можеби ќе биде нова, но нивната приказна за духот на мртвиот По е само надоврзување на веќе постоечките.