Норвешкиот збор gal буквално се преведува како „луд“. Сепак, Норвежаните имаат прифатено еден понековенционален термин од сленгот кој опишува нешто што е непредвидливо, хаотично, „варварско“ или едноставно - „тексас“.
Овој термин е во оптек веќе неколку децении. Тој игра на картата на стереотипот, кој е додуша базиран и во реалната историја на оваа американска држава - каубојци, ласо, бандити и сите асоцијации кои одат со сето ова.
Кога се користи на ваков начин, терминот се пишува со мала буква, и се применува како придавка за да опише атмосфера. На пример - „журката беше тотално луда“ на норвешки би било det var helt texas.
Американското списание Texas Monthly направило мини-истражување на присуството на овој термин во норвешките медиуми. Таму тој се спомнува во контекст на возачи на камиони на опасни патишта, груба фудбалска игра или ретка риба фатена во некој фјорд.
Ова не е единствениот „тексашки“ термин во норвешката култура. Семејствата се собираат за fredagstaco, или „тако петоци“ за да учествуваат во националната опсесија со ова текс-мекс јадење. Според истражување, додуша од пред повеќе од десет години, над 400.000 Норвeжaни или околу 8% од населението постојано организираат вакви вечери. Такото е прилагодено на норвешката кујна, па може да содржи и салата од ракчиња, лосос, краставици и пченка. Ова само покажува дека „лудо“ не мора да значи и лошо, туку внесува малку возбуда и светлина во понекогаш мрачните скандинавски ноќи.