Еве како Крлежа гледал на Европа во 1973. Немал многу милост кон една дама, макар и стара.
Европа денес не знае што знае, и појма нема што сака. Европа денес е рафинирано безглава: од една страна паметна како маска против отровни плинови, од друга слепа како старомодно мрчало, а истовремено предизвикувачка како некој велеградски излог, полн разновидна и скапоцена бесмисла.
Посветувајќи го сето свое богато знаење на жените, ткаенините, лопатите и фабриките, Европа денес се движи со своите топовски цевки и пневматици и бензински канти и филозофии, како бедно сениште кое помеѓу топлите тропски далечини и магливото ледено северно море не знае што да почне, за што да се фати и каде всушност да појде, од страв пред сопствените сеништа, во контрадикција со нејзините интимни лаги, богата, како никогаш порано во минатото, а празна и здодевна како одсвирена грамофонска плоча.
Типична европска појава е најголемите европски вистини да се изговорени под бесилки, на бојни полиња, по затворски ќелии и на голготи, а тие распнати и исплукани вистини стануваат европски знамиња и се виорат со векови.
Европските машини работат и создаваат 24 часа на ден, и денес кога европската материјална култура е поголема од кога и да е, кога Европа знае повеќе отколку што знаела отсекогаш, денес интелектуалната елита на Европа се досадува.
Минуваат европските народи во историски дефилеа, како некој по континентите да истурил полни кутии детски оловни војничиња, и додека на вжештената реторта Фауст си ја крши главата заради европски дилеми - дали треба да се верува или да се сака, да се биде или не, да се доживее или да се знае - додека во мозоците европски како во алхемиски пивници се крчкаат основните нерешени прашања за односите помеѓу субјектот и објектот, за апсолутното и релативното, во исто време европските народи си играат со нивните оловни играчки, и тој детски жагор се слуша низ Европа веќе седумдесет илјади години.
Се викав Џордано Бруно, ме запалија на клада, кога испуштив душа, во нивна смисла пристојно, како угледниот велепратеник Волтер, три пати ме исфрлија од гробот. Се појавив во оваа лудница како Бакуњин, па ме гонеа до смрт како бесно куче, а како Херцен или Мицкиевич или Спопин умрев во прогонство од Овидиевска тага за родниот крај. Ме прегазија како Петрефил, а како презрен Јехудиј Хајне и денес сум германски срам. Ме заклаа како Ландауер, а моето лордовско име Бајроново е непристојно гласно да се изусти во ториевските кругови до ден денешен. Ја предадов душата на Нечастивиот како паралитикот Бодлер, а како Верлен ѝ пишував химни на Богородица, но ни тоа не ми помогна. И покрај сево ова ме бојкотираа и жигосаа заради мојот неморален живот. Избегав во тропски грозници како Рембо, меѓу Полинезијците на Тахити, во лудница како Ван Гог...
(од збирката есеи „Европа денес", Сараево, 1973)