Во сатирична преписка помеѓу д-р Остојиќ од сајтот Букса и една читателка, се открива фамозен план на ЕУ во врска со еден вид цензура. Ќе треба и ние малку да си го ставиме боздоганот на чело, па да размислиме дали ни се исплати да ги трампаме еповите за Крале Марко на гусли за Ода на радоста на пијано, и тоа да ја свири претседателот.
ПРАШАЊЕ
Почитуван докторе,
Се викам Јелка и професорка сум по хрватски јазик и литература во едно средно училиште. Ве молам да го објавите ова писмо затоа што на јавноста ѝ носам шокантна информација: кога ќе влеземе во ЕУ ќе ни ги забранат нашите епови!
Не ме прашувајте како, но дојдов до тајни предпристапни договори помеѓу Хрватска и ЕУ. Во тие договори јасно стојат работите кои ќе бидат забранети во ЕУ - освен познатите сирења и павлаки, домашното овошје и зеленчук, ракијата и прошекот, во договорот се наведуваат и еповите. Тој оди толку далеку што и по име ги наведува еповите кои нема да смеат да се читаат во европска Хрватска. Тоа се, на пример, Марулиќевите епови Јудита и Давидијада, кои „не ги исполнуваат критериумите на секуларноста", Гундулиќевиот Осман затоа што е „формално недовршено дело" кое „не ги исполнува стандардите на целосните книжевни дела дозволени во ЕУ". Смртта на Смаил-ага Ченгиќ на Мажураниќ е строго забранет, за да не поттикне народни буни. И многу, многу други епови нема да го видат сонцето на европскиот ден!
Кога им кажав на учениците што ги чека, тие многу се вознемирија, почнаа да се противат - некои деца дури почнаа и да плачат! Сиротките, знаат што ги чека сега за лектира - неквалитетни, опасни, странски епови. Бесниот Орландо ќе ги претвори во европски неуротичари. Ослободениот Ерусалим ќе ги подготови на борби против Арапите во странски земји. Ако ја прочитаат Песната на Нибелунзите, ќе почнат да се облекуваат во црно и ќе ја слушаат онаа бучна музика! Странските епови сосема ќе ги пренасочат децата, на погрешен пат.
Нашите епови имаат озарено толку детски лица, им имаат исполнето безбројни читателски утра. Заради нив мораме да ѝ застанеме на опашката на оваа опасна европска завера. Оттаму ве молам да го проширите гласот за нашата иницијатива „Во име на Гундул" чија цел е да го смени уставот - и тоа не содржински туку по форма. Нашите најдобри поети и гуслари ќе го препеат сегашниот текст на уставот во уставен еп. Така ќе го зачуваме темелниот еп на нашиот народ (затоа што никој не може да ни го забрани уставот), а и нашите граѓани повеќе ќе го почитуваат законот ако го слушнат уставот во познатиот, остар и ѕвонлив епски дванаесетерец. Докторе, помогнете ни и чувајте ги нашите епови!
ОДГОВОР
Почитувана Јелка,
информацијата која ја наведувате навистина е вистинита, и секако треба да се објави. Конкретно, се работи за голема програма со која ЕУ се обидува на својата територија да ја замени епската форма со формата на романот. Имено, се смета дека романот има поголем потенцијал да го изрази заедничкиот европски идентитет, а и во моментов пазарно е поисплатлив. Иницијаторите на таа програма се повереникот за ЕУ за внатрешни духовни прашања Вилхелм Хебел и претставникот на Европската комисија за дијалектика на економската политика Ѓорги Тукакс.
Секако, бројните противници на оваа програма сметаат дека во неговото јадро се наоѓаат грди стереотипи за врзаноста на епот за рурален контекст, патријархалниот круг и неписмените свирачи на гусли, додека од друга страна романот наводно претставува писмена, фино нијансирана, плурална и полифониска форма. Во таа смисла, забраната на еповите навистина се чини неприфатлива и би можела лесно да ја упропасти неделната прослава на влезот на Хрватска во ЕУ.
Сепак, од лекарска перспектива, морам да признаам дека наоѓам аргументи во корист на наведената забрана. Во ординацијата реодвно имам огромен број тешки случаи кои го имаат читано Лукрециј, Хомер или Епот за Гилгамеш - со забраната на епови голем број граѓани ќе останат здрави и сигурни од епската закана.
Исто така, морам да ве предупредам дека при создавањето на уставниот еп би можеле да наидете на проблематично разидување помеѓу ритамот и моралната идеја. Да речеме, Англичаните во 15. век создале уставен еп, но со оглед на тоа што авторот на епот не можел да се сети на збор кој се римува со 'murder' (убиство), прописот за светоста на човечкиот живот изостанал од конечниот текст. Последиците биле трагични. Верувам дека ќе направите совршено убав еп-устав, но како и секој друг еп, и вашиот може да претставува пропаст за граѓаните.
Сепак, ќе ја објавам веста за вашата намера за уставна промена затоа што ги подржувам демократските иницијативи - на крајот на краиштата, токму докторите се предуслов на демократија. Заради нив граѓаните имаат право да одберат што сакаат, затоа што кога еднаш ќе направат лош избор, можат да дојдат кај докторот кој ќе им го даде потребниот мелем и ќе им ја наулира штетата.