Пред некое време пишувавме за тоа дека студентска група од Канада ја елиминирала песната Walk on the Wild Side на Лу Рид од нивен настан, затоа што содржела стихови кои наводно ја дехуманизирала транс-родовата заедница. Но тука не запираат политичко-коректните апсурди кои доаѓаат од оваа земја.
„Секој, секаде би требало да биде охрабруван да замисли други народи, други култури, други идентити“, напишал извесен Хал Нидвицки во пролетното издание на Write, канадско книжевно списание.
Ако мислите дека ова сигнализира човек отворен за мултикултурност, толеранција и соживот тогаш не мислите исто како и мнозинството негови колеги, кои во овие негови зборови (и во целиот негов текст) виделе одбрана на „културната апропријација“, употребата од страна на уметници и писатели на мотиви и идеи од други култури. Тој, имено, сугерирал награда за секој оној кој на успешен начин вградува мултикултурни елементи во своите дела. Но ова од публиката, а потоа и од спонзорите на спомнатото списание се протолкувало како „навредливо“, особено имајќи предвид дека се работело за посебен број посветен исклучиво на домородните уметници. Нидвицки на крај е отпуштен од позицијата уредник.
Лошо поминале и неговите поддржувачи во целиот скандал. Така, новинар од Канадската радиодифузна корпорација бил казнет и вратен на пониско работно место откако на Твитер понудил парична помош за финансирање на ваквата награда. Уредникот пак на Walrus, многу попознато книжевно списание од Write, детектирал прекумерна политичка коректност и хиперсензитивност во целиот настан, по што - погодувате - и тој морал да даде оставка. Во април една галерија затворила изложба на сликарка инспирирана од стилот на Норвал Мориеј, домороден уметник.
Сите овие настани отворија стара дебата. „Крос-фертилизацијата“ или калемењето е фундаментално за креативниот процес. Тоа не подразбира, барем не автоматски, плагијат или злоупотреба на нечии авторски права, што е тема која важи не само за дела на домородни уметници, туку воопшто. Но низ тесниот видик на политички коректните, важно е само позајмувањето од домородците, бидејќи тоа наводно евоцира спомени на векови доминација (во случајов од Британците и „белите доселеници“) кои им ја зеле земјата на домородните народи, ги асимилирале, не им давале право на глас, ги хиперсексуализирале „примитивците“ (особено жените), го скроиле митот за Индијанците како пијаници и насилници...а сега сакаат да им ја земат и уметноста.
Иако дебатата е стара, таа е иницирана од охрабрувањето на Трамп Американците кои се противат на политичката коректност да го кренат својот глас. Но и домородните народи се сè погласни. „Ние сме во нова парадигма заради социјалните мрежи“, изјавил претставник на Оџибве од народот Серпент Ривер, позајмувајќи зборови од латински и грчки за да се изрази. Тоа што новите технологии им овозможуваат на сите засегнати да го искажат своето мислење, како што забележува Економист, е добредојдено. Но присилното замолчување на други гласови не е. Не е работата да се залагаме само за диверзитет на култури и народи, туку и на идеи, заклучува текстот.