Антропологот Дејвид Сатон во 1992 изнајмил куќа на грчкиот остров Калимнос, во југо-источното Егејско море, многу блиску до брегот на Турција. На него живеат 16.000 луѓе, што го прави трет најнаселен остров од групата острови Додеканези, после Кос и Родос. Кога локалците го предупредиле дека на полноќ на Велигден тој и неговото семејство треба да очекуваат „малку пукање“, претпоставил дека се работи за огномет. Но она што го искусил било малку појако:
Среде повторливите повици „Христос воскресе“ неколку стотици килограми ТНТ во форма на проектили беа исфрлени кон небото од дворот на црквата, стресувајќи ја нашата куќа до темел, напукнувајќи ги прозорците, чии рачки летаа низ собата.
Калимнос е познат по своите рибари и особено по нуркачите по морски сунѓери, една од главните стопански активности на островот низ историјата. Во 20 век истите тие „фаќаат“ и друг вид морски суштества: мини и торпеда оставени по двете светски војни. Локалците го користат експлозивот од овие нефункционални оружја како начин на „динамитско рибарење“.
Но ова фрлање динамит на Велигден е поврзано со чувството на островјаните за сопствената јачина и пркос кон авторитетите. Многумина го поврзуваат со отпорот на островот во текот на Италијанската окупација помеѓу 1912-1942. Секој Велигден ова се одбележува со тоа што две групи мажи од две планини фрлаат бомби додека публиката гледа од пристаништето во подножјето.
Употребата на експлозив и денес останува начин за гласно (ептен гласно!) да се изрази ставот кон властите, вклучително и грчката влада и црквата. Спомнатиот антрополог сведочи дека попот кој дошол да ја изврши литургијата после полноќ бил „видливо потресен“ од експлозиите, но не можел никако да ги спречи, бидејќи локалниот обичај е посилен од каква и да е црковна власт на островот.
Додуша, во минатото имало и инциденти поради кои локалците се поделени околу тоа дали традицијата треба да остане таква каква што е. Во 1980 по грешка е фрлен експлозив врз присутните, што резултирало со четири смртни случаи. Некои градоначалници се имаат обидено да ја заменат традицијата со дневна забава со бесплатни пијачки. Но сцената која притоа била поставена дел од островјаните ја уништиле со - динамит.