Ројал Шекспир компани во моментов ја изведува „Титус Андроникус“ во родното место на Бардот, Стратфорд-на-Ејвон. Сметана за една од најсуровите драми на Шекспир, Титус вклучува сцени во кои има силувања и телесни унакажувања, а продукцијата на РШК Гардијан ја нарече „натопена во крв“.
Театарот сега сака да открие дали модерната публика е десензитивизирана на ова насилство, или тоа се уште шокира. Во партнерство со британската фирма за истражување на пазарот Ипсос Мори, театарот ќе ги набљудува срцевите ритми на 10 одбрани гледачи во публиката, на три изведби на Титус Андроникус, или на вкупно 30 „субјекти“.
Потоа, во август, како основа за споредба, 30 други луѓе ќе бидат приклучени на ЕКГ монитори додека ја гледаат истата драма, ама во случајов во кино сала - филмуваната изведба нема да биде една од трите која била претходно прикажана во живо. Публиката која ќе биде дел од истражувањето е бирана за да биде демографски шарена, според возраст, театарско искуство и пол.
Идејата за вакво истражување се наметнала заради фактот дека на публиката на театарски изведби знае да ѝ се слоши или да се онесвести, и тоа не само на Шекспир - последен ваков пример е новата бродвејската продукција на „1984“, од која публиката масовно излегува на сред претстава.
„Дали по филмовите на Тарантино и Игри на тронови луѓето веќе не се шокирани од театарската магија, или напротив, ако насилството се одвива на сцена тоа додава на реалноста на искуството?“, е едно од истражувачките прашања, чии одговори се очекува да бидат објавени во ноември.