„Велика“ (The Great) е комична серија, чија прва сезона од десет епизоди излезе минатата година. Иако самите автори ја опишуваат како „анти-историска“ и сатирична, таа содржи и релевантни историски податоци за Екатерина Втора, царица на Русија, која во 18 век дошла на власт организирајќи државен удар против - сопствениот сопруг. За време на нејзиното владеење Русија прераснала во една од големите светски сили.
Но во седмата епизода од серијата се обработува уште една интересна тема - влијанието на Екатерина врз промовирањето на инокулацијата (рана верзија на вакцинација) за заштита против голема сипаница. Царицата, која длабоко верувала во науката и достигнувањата на просветителството, самата прва се подвргнала на процедурата во 1768. Потоа се пуштила во агресивен напад на сите кои биле против, нарекувајќи ги „идиоти“.
Инокулацијата била овозможена од Томас Димсејл, британски доктор чиј не баш нежен метод подразбирал засекување на две три места во раката на пациентот и нанесување пустили од големи сипаници во отворената рана. Шансата примателот да умре од голема сипаница наместо да стане имун била голема, па Димсдејл си ги држел коњите подготвени близу рускиот двор, во случај да требало да избега ако царицата или некој нејзин близок починел. За среќа се поминало во најдобар ред, па Димсдејл дури бил именуван за барон на Руската империја.
Фактот дека самата царица јавно се вакцинирала помогнало во промовирањето на процедурата, па како резултат на тоа 20.000 Руси биле вакцинирани до 1780, а до 1800-та над два милиона. Eден од мотивите на царицата (што не е вклучено во серијата) е што нејзинот сопруг, Петар Трети, го прележал вирусот, но со тешки маки и со доживотни лузни. Сепак, сочувството кон него не траело долго - Софи Фредерика Аугуста фон Анхалт-Зербст, како што гласело роденото име на Екатерина, бргу го свргнала од престолот, а тој набргу потоа бил убиен од нејзини соработници.