
Митските приказни ги содржат сите можни архетипи применливи и во сегашноста. Па и тој за одземеното внимание, за што се потребни натчовечки напори да се задржи. Кога Одисеј минува крај островот на сирените - митски суштества со прекрасен глас што ги намамуваат морнарите во смрт - му наредува на својот екипаж да стави восок во ушите за да не го слушнат нивниот глас. Но, љубопитен да ја чуе нивната песна без да загине, тој бара да го врзат за јарболот на бродот и под никакви околности да не го пуштаат, дури и ако моли.
Ако еден херој од размерот на Одисеј не може да одолее на заводливоста на страстите, што останува за нас, обичните смртници? Одржувањето на вниманието (во случајот на Одисеј на сопствената мисија и бродска траекторија) е суштинска за нашето осмислено, човечко постоење. Без него живееме или само механички или манипулирани од оние кои ни го одземаат и раководат со него.
Точно ова се случува денес, со интернет и сите негови одземачи на внимание, новите „сирени“. Во минатото, читаш весник, и за максимум 20 минути си „надвор“ од нив, односно продолжуваш со животот. Регулирањето на користењето интернет, во колективна смисла (забрана на нивна употреба во училишта) или индивидуално (ставање опција на „замрзнување“ на екранот и самонаметнување други ограничувања) може да имаат ефекти на кратки стази. Многу покорисно е доколку уште од мали нозе се негува разликата помеѓу тоа смарт телефоните и компјутерите да се корисни за животот и ТИЕ да се животот.
Во нова книга под наслов „Повикот на сирените“ на Крис Хајс, која излезе на крајот на јануари 2025, овој автор на бестселери обезбедува широкоаголен преглед на тоа капитализмот атакува на нашите умови и на нашите срца, завлегувајќи во секоја пора на општеството. Навидум тривијалната забава која ја нуди животот онлајн нè има деградирано како луѓе, но и како заедница. Не може да се очекува многу ангажираност во каква и да било смисла од луѓе кои како зомбиња шетаат по улица со телефонот в рака - а некогаш тоа сме токму ние. Ни паѓа жал за четворица на маса во ресторан кои наместо да зборуваат меѓусебно си гледаат во телефоните, а во следниот момент го чувствуваме вибрирањето во сопствениот џеб. Нешто во нас се има променето на многу лошо. Во поголемиот дел од човечката историја, границата помеѓу јавното и приватното била јасна, барем теоретски. Сега, со помош на неколу технолошки фирми ние ја имаме уништено за само една деценија. Според Хајс се наоѓаме среде транзиција која веќе ја дефинира епохата, чијашто единствена паралела е она што се случило со трудот во 19 век: вниманието станува комидифициран ресурс кој ни е одземен, односно од кој доброволно сме се откажале, во име на - ништо.
„Моето искуство е она на што сум се согласил да му посветам внимание“, пишувал филозофот Вилијам Џејмс уште во 1890. Но се повеќе изгледа дека нашето искуство е нешто за што не сме ја дале својата согласност, нешто што ни е насилно наметнато и покрај тоа што навидум не делува така. Живеејќи внатре лавина од умешно спакувани дигитални информации (понекогаш се користи и метафората на поплава) сме постојано анксиозни и психички исцрпени. Едноставно, не сме направени со толкави бафери и моќ на обработка на информации за да можеме во меѓувреме и реално да живееме. Ако концентрацијата е навистина „отсуство на нерелевантни мисли“ тогаш единствен начин е по секоја цена да ги одбегнуваме. Ставајќи восок во уши.