Во 1969, Бекет дознал дека ја добил Нобеловата за литература од телеграма испратена од неговиот издавач, Жером Линдон, во која овој напишал:
„Драги Сем и Сузана. И покрај сè, ти ја дадоа Нобеловата. Те советувам да се скриеш“.
Бекетови, кои си ја ценеле приватноста, се загрижиле, бидејќи логично очекувале несакани повици и посети, кои секако се случиле. Оттаму, кога шведската телевизија се јавила за интервју, Бекет се согласил, но под еден необичен услов - новинарот да не поставува прашања.
Веројатно мислејќи дека непоставувањето прашања значи дека писателот ќе си зборува сам, од телевизијата ја искористиле понудената шанса. Така настанало ова чудно, а сега веќе антологиско видео, кое може да помине како илустрација на театар на апсурдот.
Не знаеме која му била вистинската намера на Бекет (дали било само перформанс или во ова има подлабока смисла), но нашето толкување е - за она што не може да се зборува („Како ги пишувате вашите дела?“, „Која порака сакате да ја испратите?“, „Што може да очекуваме од вас следно?“ и други новинарски прашања за Пулицер), подобро е да се молчи.
Види претходно: „Бекет и Андре Џинот“