Како што Андре растел, и тоа буквално, почнал често да се расправа со родителите и на 14 го напуштил домот и почнал да игра рагби. Наскоро го забележале професионалните борачи и импресионирани од неговата големина го научиле на основните зафати. Следните триесет години ги минал во борење низ целиот свет, но дури откако се преселил во Америка станал славен. Оние кои го следат борењето како антологиски го наведуваат моментот кога во истиот ринг се тепале Халк Хоган и Андре, висок 2 метра и 23 сантими, кога првиов покрај него изгледал како „ситен".
Но каква врска има сево ова со Бекет? Па Нобеловецот во 1953 купил земјиште северо-источно од Париз и тука изградил куќичка со помош на локалците. Еден од нив бил фармерот со потекло од Бугарија, Борис Русимов, кој се спријателил со Бекет и понекогаш играл карти со него. Тоа, погодувате, бил таткото на Андре Џинот, и кога Бекет сфатил дека тој има проблем да го внесе сина си во школскиот автобус, а семејството нема пари да купи автомобил, Бекет се понудил да го вози Андре до училиште во неговиот камион, и на тој начин да му се одолжи на таткото за помошта околу куќата. Андре подоцна се сеќавал на секојдневните возења со Бекет, но изјавил дека тие ретко зборувале за било што друго освен за - крикет.
Ова е само една од бројните анегдоти во врска со „Џинот". Се проценува дека тој пиел 7,000 калории алкохол секој ден, и дека неговите сметки во кафана често изнесувале 40,000 долари. Халк Хоган еднаш му подарил 24 шишиња црвено вино за роденден, овој ги испил на екс и истата вечер се борел во рингот. Починал 1993 во Франција, и тоа на погребот на својот татко.