Во нова серија под наслов „Лекции по хемија“ (Lessons in Chemistry) со Брие Ларсон во главната улога, хронолошки лоцирана во САД во 1950-тите, има сцена во која таа се обидува да сфати дали е бремена. Краде жаби од лабораторијата во којашто работи и им инјектира своја урина. По неколку часа и таа и ние го дознаваме резултатот. Но не ни беше јасно што е со жабиве, додека не истраживме дека ова било легитимен начин на тестирање во време кога ги немало денешните „ленти“ и „стапчиња“.
Во 1930-тите, британскиот научник Ланселот Хогбен дошол до откритие кое ќе ја промени историјата на репродуктивното здравје. Експерименталниот зоолог сфатил дека инјектирање урина од бремена жена во задната нога на еден специфичен вид јужноафриканска женска жаба функционирал како прецизен тест за бременост. Имено, ако жената навистина била трудна, жабата по некое време овулирала и произведувала јајаца. Присуството на човечкиот хормон кој денес го нарекуваме хорионски гонадотропин (hCG) го поттикнувал создавањето на јајца, вообичаено во тек на 12-часовен период.
Хогбеновиот тест наскоро станал многу популарен. Во Британија во 1940-тите имало специјализирани центри под капата на Националниот здравствен систем каде докторите праќале примероци урина за да ги тестираат (самите жени не можеле да го прават тоа). Ова било значајно не само како информација дали жената е бремена или не, туку и за да се направи разлика помеѓу тумор и бременост и соодветно да се реагира доколку е во прашање првото.
Ваква жаба oд родот Xenopus (јужно-африканска „канџеста“ жаба) денес е изложена во Лондон и сведочи за начините на кои жените се обидувале да сфатат што се случува во нивното тело во време кога контрацепцијата била тешко достапна, дури и нелегална. Другите хемиски тестови се појавиле 10-15 години подоцна и ја поттикнале сексуалната револуција и концептот на планирано родителство. Во 1968 имунолошките тестови го замениле Хогбен, што значи дека илјадници јужноафрикански жаби биле пуштени во дивина. Во 1970-тите тестовите за домашна употреба веќе биле во слободна продажба во аптеките, иако биле комплицирани и не секогаш прецизни. „Стапчето“ онакво какво што го знаеме денес било измислено во 1988, со што жабите засекогаш заминале во историјата како начин за детектирање бременост.