Џејмс Бонд против Џејмс Бонд: приказна за авторски права и плагијаторство

Пред четириесет години Роџер Мур и Шон Конери се „судриле“ на билетарниците на кино-салите, додека во нив истовремено се прикажувале „Октопус“ и „Никогаш не вели никогаш повеќе“. Вториот бил неофицијален, без славната шпица и без карактеристичната музика. Но на гледачите тоа не им пречело. 

Џејмс Бонд се има борено против мегаломани низ целиот свет, но ретко се има судирано со најопасниот непријател - со себеси. 

Во 1983, тринаесетата Бонд авантура (шеста во која главната улога ја игра Роџер Мур), „Октопуси“, се соочила со конкуренција од друг филм за агентот 007 - неофицијалниот „Никогаш не вели никогаш повеќе“. „Неофицијален“ бидејќи тој не ја содржел антологиската шпица ниту пак карактеристичната музика за филмовите со Бонд. Но како римејк на филмот „Тандербол“ од 1965, овој претендент за тронот на Бонд имал ас во ракавот - неочекуваниот кам-бек на Шон Конери, во своето прво појавување како Бонд откако се откажал од серијалот во 1971. Како дошло до ова?

Дело на извршниот продуцент Кевин МекКлори, „Никогаш не вели никогаш повеќе“ потекнува од раните 1960-ти, значи пред почетокот на франшизата „Бонд филмови“ онаква каква што ја знаеме денес, која е започната од Еон продакшнс. Помеѓу првиот и вторите се водел долг и комплициран судски случај, кој е тема на книгата „Борбата за Бонд“ на Роберт Селерс. Станува збор за 40 години судски рочишта, предавства, смртни случаи и уништени животи.

МекКлори имал законско право да прави „неофицијални“ Бонд филмови затоа што пред почетокот на серијата продуцирана од Еон ирскиот фимаџија работел со Јан Флеминг на потенцијален филм за Бонд, кој требало да се вика „Тандербол“. Кога тој проект пропаднал, Флеминг го употребил отфрленото сценарио како основа на својот следен роман за Бонд, но без дозвола на МекКлори кој работел на приказната и придонел со пар добри идеи. Ирецот тужел за плагијат и го добил случајот против авторот, кој резултирал со куфер полн пари и филмски права за „Тандербол“. Ова е причината зошто овој филм од 1965 е ко-продуциран од МекКлори и зошто тој бил во можност да направи и римејк на истата приказна. 

Од друга страна, „Никогаш не вели никогаш повеќе“ имал пристап до голем број клучни состојки за Бонд формулата - неговите сојузници М, Кју, Манипени и Фелик Лајтер, насилството, сексот и патувањата низ светот. Но на режисерот на овој филм Ирвин Кешнер не му биле дозволени неколку од најтипичните елементи. На пример шпицата со пукањето право во гледачот, како и музичката тема на Монти Норман, кои биле во сопственост на Еон. Проблемите на овој филм сепак не завршуваат тука - тоа е предолг и според многумина здодевен, а му фалат и сјајот и спектаклот кој се очекува од брендот на Бонд.

„Октопуси“ е веројатно еден од помалку фалените бонд-филмови на Роџер Мур, но сепак е добар дел од серијата. Сниман на егзотични локации, од Индија до Чекпојнт Чарли во западен Берлин, тоа е забавен трилер од Студената војна. Мур кој тогаш зад себе веќе има цела деценија стаж како Бонд, е сосема лежерен во своето свечено одело, додека францускиот актер Луј Журден го игра лошиот Камал Кан со лукава софистицираност. 

Споредбата на овие две дела покажува дека магијата во филмовите за Бонд никогаш не се должела само на главниот актер. „Октопуси“ создава чувство на оригинална приказна, стил, презентација и фантазија. „Никогаш не вели никогаш повеќе“ во споредба со него делува како Бонд за сиромашни. Иако е сниман од кинематографот на „Крадците за загубениот ковчег“, костимиран од некој кој го облекол „Блејд Ранер“ и режиран од човек кој претходно го имал направено „Империјата го возвраќа ударот“, нему му недостасувал колективниот ефект на сите овие таленти. На крај подобриот филм сепак победил - „Октопус“ заработил 182 милиона на глобалните билетарници, наспроти (сепак импресивните) 159 милиони на „Никогаш не вели никогаш повеќе“.

Кога Кевин МекКлори починал во 2006, неговите авторски права поврзани со Бонд веднаш биле обезбедени од Еон, со што заплетканата сага конечно завршила. Можеби нештата повторно ќе се вжештат кога Бонд ќе влезе во јавен домен - но тоа ќе се случи дури во 2035.

извор

27 април 2023 - 20:22