За оние повозрасните, стереотипот за возач на камион барем на нашиве простори (можеби повлијаен од серијата „Камионџии“ со Павле Вујсиќ и Чкаља) е некој што има постер од гола женска во кабината, слуша народно пуштено до даска и генерално лефтерно си ги вози километрите.
Но, реалноста на животот на овие луѓе е далеку од лефтерна, и - претпоставуваме - е таква повеќе или помалку без оглед на географската ширина и должина на која возат. Во случајов приказната е за САД и за еден камион со приколка лоциран на паркинг за камионџии на кој со големи букви е испишано „Мобилна капела“. Свештеникот кој работи во неа се вика Чед Ромера, и тој си го посветил животот на слушање на приказните и нудење утеха на камионџиите кои сакаат да влезат во неговата „црква“.
10-минутниот документарец нуди поглед во животот на неколкумина возачи, секој со потресна семејна, здравствена или лична приказна. Еден шест пати се обидувал да се самоубие, и секогаш бил спасуван, друг има син во болница кој се опоравува од моторџиска несреќа, трет самиот има дијабет и се плаши дека наскоро ќе го загуби видот и со тоа и работата. Сите тие во капелата добиваат шанса за момент да се почувствуваат дека некој го слуша. И иако постојано се осамени, помеѓу возачите постои и чувство на солидарност, како помеѓу вид кој изумира.
Од серијата „Животот низ очите на разни професии“
Бравар, вработен во фото-студио, „поштарот“
Човекот кој расчистува кога некој ќе умре
Улични продавачи на чај
Маките на новинарството
Човекот кој ги пере валканите алишта на славните музичари