Историјата на музиката е полна со примери на композитори кои, затоа што ја имале таа несреќа да живеат на исто место и во исто време со многу поталентирани од нив, не останале запишани во големата книга на историјата на музиката. Најпознатиот пример е ривалството помеѓу Моцарт и Салиери - името на вториот сигурно немаше да биде толку познато да не беше неговата поврзаност со големиот композитор.
Но приказната на Бетовен и Риша е малку поинаква. Роден во Прага, тој уште како момче избегал од дома - како што пишувал подоцна во своите мемоари, едноставно скокнал на кочија за која не знаел ни каде оди. Заминал кај својот вујко Јозеф Риша, виртуозен челист и диригент кој живеел во Баварија, и кој со оглед на тоа што немал свои деца го посвоил. Така, под закрила на голем педагог и мајстор, започнало неговото музичко образование.
Набргу семејството се преселило во Бон, каде се случила средбата со младиот Бетовен. Најверојатно, освен заедничкото свирење во оркестарот, тие имале и заеднички тутор. Се запишал и на Универзитетот во Бон каде студирал композиција. Паралелно студирал и математика и филозофија. Во 1799 се преселил во Париз. Таму, како и во Виена, каде често престојувал, најпрвин, исто како и Бетовен и младиот Шуберт, учел токму кај Салиери. Потоа и самиот имал голем број ученици, како Франц Лист и Хектор Берлиоз. Бил истакнат и на полето на музичката теорија, а неколкуте негови трактати се однесувале на експериментални методи на композиција, како и на полиритмијата и микротоналната музика, кои во тоа време не биле прифатени како релевантни музички стилови. Што се однесува до неговите композиции, тие не се сочувани заради ригидниот став на Риша тие да не се објавуваат
Сепак, одреден број дела преживеале, и иако списокот со сигурност е некомплетен, тие покриваат голем број жанрови и форми, од опери до фуги за пијано. Најзначајни се 25-те дувачки квинтети кои ги компонирал во Париз помеѓу 1811 и 1820, а кои биле изведувани во тој период низ Европа.
Сега, амбициозен проект на американско-спрскиот пијанист Иван Илиќ, има за цел да го претстави делото на Риша на светот, откако тоа долго време лежело заборавено. Оваа недела ќе излезе вториот од планираната серија пет албуми, придружени со документарни видеа постирани онлајн. Kaмерното музичко друштво на Линколн центарот ќе вклучи дела на Риша во својата програма за ноември. Илиќ се надева дека ваквата промоција ќе ја покаже поврзаноста на Риша со некои од најзначајните фигури на 20-вековната музика и неговите визионерски идеи.
Повеќе за него во серијата видеа, во која можат да се слушнат и дел од неговите дела: