Стивен Катчер уште како дете знаел дека е поинаков. Не сакал да се дружи со луѓе и мислел дека не е нормален. Но потоа ја открил својата вистинска пасија - се „здружил“ со инсектите, станал ентомолог и холивудски „дресер на бубачки“. И што е најважно, во „соработка“ со инсектите тој прави интересна уметност, претворајќи ги во живи сликарски четки.
Роден на Менхетен, Катчер како дете собирал светулки и други инсекти по планините и предградијата. На 19 години пропатувал илјадници километри низ Мексико, истражувајќи ја пустината и тропските екосистеми. Завршил етномологија на Универзитетот во Калифорнија Дејвис во 1968, а неговите истражувања се фокусирале на однесувањето на бубачките. Во 1970 влегол во шоу бизнисот како „Лери Џ. Феликс“ водејќи комично андерграунд радио шоу. Негов учител во оваа област бил Бил Козби, а во публиката на негов настап еднаш бил и Робин Вилијамс. И, логично, често знаел да вметне вицови со инсекти во скечевите.
Но наскоро почнува на поинаков начин да го употребува своето знаење од оваа област - работел на над 100 филмови кои имаат инсекти во приказната, меѓу кои блокбастери како Спајдермен, Џурасик парк и Арахнофобија, како и бројни видео спотови и реклами. Секој настап и интервју и денес го користи за да ја образува публиката (особено помладите) во врска со зоологијата и инсектите, правејќи демонстрации во живо во училишта, музеи и библиотеки.
Во 1980-тите за потребите на телевизиски проект на Спилберг, Катчер дошол на идеја да ги натопи пипалата на инсект со боја и да го забележи неговиот од на хартија. Од тогаш создава „Баг арт“, користејќи нетоксични бои од кои бубачката прави апстрактни композиции кои тој потоа ги надополнува со свои интервенции.
Ова е кратко филмче за него и неговата работа. Не е за луѓе што се плашат од инсекти. Или напротив, баш е за нив, да се отплашат.