За архитектот Матео Периколи пишувавме пред неколку години, кога ја претставивме неговата Лабораторија за книжевна архитектура, интердисциплинарен проект кој ја истражува прозата низ призмата на архитектурата, дизајнирајќи и градејќи приказни како архитектонски проекти.
Учесниците во активностите на Лабораторијата најпрвин го расчленуваат текстот на делата за коишто се одлучиле, а потоа конструираат 3Д модели од истите. Целата постапка е одлична показна вежба за теоријата на структурализмот, но и за тоа како може да се спојат принципите на архитектурата и на „градењето“ приказни.
Во најнов обид за спој на книжевната и архитектонската имагинација, книжевното списание The Paris Review неодамна објави ваква деконструкција на Периколи на расказот „Бели ноќи“ на Достоевски од 1848 (на чии филмски верзии, патем, имаат работено Висконти и Бресон). Неименуваниот протагонист во него е осамен човек, без пријатели и познаници, кој ноќе талка низ Петербург, криејќи се од сончевите зраци. Дејството се одвива во тек на четири ноќи. Првата тој среќава уплакана жена, храбро ѝ пристапува иако претходно му нема пристапено никому, и ја теши. Иако таа е заљубена во друг, тие минуваат две од четирите ноќи заедно, запознавајќи се. Така тој почнува да се чувствува помалку осамен, со духот извишувајќи се над мрачниот и отуѓен град.
Сепак, оваа невозможна врска завршува исто толку неочекувано како што и започнува, а главниот лик повторно го гледа физичкиот град како безживотно и бесмислено место, каде некогаш доживеал само момент на благословена среќа.
Ваквата нарација станува основа за архитектонска замисла на Периколи, во која една висококатница се искачува високо над градот, но под агол помал од 45 степени, со што нејзината тежина како да виси над сечии глави. Сепак, заради употребените материјали кои стануваат полесни како што зградата се искачува, таа истовремено изгледа и како да лебди. Ова го рефлектира истовременото чувство на закана и надеж, дека некаде близу до небото ќе се пронајде посакуваната леснотија на постоењето. Погледнат од горе пак, дизајнот на зградата како да се преклопува со улиците, плоштадите и булеварите, па излегува дека таа и воопшто не постои, бидејќи е вткаена во градското ткиво.
На врвот пак има мал, дополнителен елемент: балкон или некаков видиковец. Гледајќи го далечниот град од тука, во осаменост, можеме да го фатиме последниот сончев зрак пред самрак.