Во 20 век бевме сведоци на импресивно и забрзано продолжување на просечниот животен век на луѓето во светот. Во 1900-тата за новородено дете се очекувало дека едвај ќе достигне 30 години. Во 2021, таа бројка порасна на 71. Благодарејќи на медицински и технолошки напредок, во текот на минатиот век секоја деценија се додаваа три години на просечниот животен век на жителите на развиените земји.
Голем број научници предвидоа дека оваа „радикална екстензија на животот“ би можела да продолжи неодредено долго. Некои велеа дека повеќето луѓе родени денес ќе доживеат стота. Сепак, имаше и различни мислења. Во 1990, епидемиологот С. Џеј Олшански од Универзитетот Илиноис во Чикаго објави контроверзна студија под наслов „Во потрага по Метузалем: проценката на горната граница на долговечноста“, која ја критикуваше ваквата идеја. Според него, и покрај несомнениот напредок во областа на медицината, порастот на просечниот животен век ќе забави и на крај ќе застане на околу 85 години.
Сега, Олшански и неговите соработници спровеле друга студија, објавена во списанието Nature Aging. Резултатот? Па изгледа дека бил во право. Податоците покажуваат дека иако човечката долговечност се уште расте во развиените земји, стапката на тој пораст забавува, што сугерира дека нашиот вид полека се приближува до својот биолошки лимит.
Истражувачите ги зеле предвид податоците од 1990-2019, за осумте земји каде има највисока долговечност - Австралија, Франција, Италија, Јапонија, Јужна Кореа, Шпанија, Швајцарија и Хонг Конг. Од нив само Јужна Кореа и Хонг Конг одржувале чекор со предвидената „радикална екстензија“ на животниот век, што е можеби резултат на тоа што тамошното зголемување на животниот век е концентрирано на последниве години. Ако навистина продолжувањето на животот беше такво какво што се предвидуваше, денес 6% од жените во Јапонија би имале 150 години, а една од пет би живеела по 120-тата. Ова се уште се нема случено.
„Има граници колку далеку можеме да го туркаме човечкиот опстанок. Ако живееш доволно долго одиш контра биолошкиот процес на стареење. И тоа е успех кој им овозможува на луѓето да воопшто да го искусат стареењето, што сега е доминантниот ризик-фактор“.
Со други зборови, студијата ги поддржува напорите не да се зголеми животниот век, туку да се забават последиците од стареењето и да се подобри квалитетот на животот - бадијала живееш подолго ако тоа го правиш изнемоштен и болен.