Докторот што го измислил стетоскопот затоа што му било незгодно да го става увото на женски гради

Рене Лаенек бил француски музичар, изумител и доктор, кој го запечатил своето место во историјата со голем број значајни придонеси кон медицината. Сепак, најважниот помеѓу нив е еден од симболите на медицинската професија - стетоскопот. 

Лаенек се родил во Бретања, Франција во 1781. Мајка му умрела од туберкулоза кога имал шест години и од тогаш живеел по роднини. Кога наполнил 12 го посетил Нант, каде вујко му бил доктор и предавал на универзитетот. 

Инспириран од она што го научил од него, заминал за Париз каде студирал медицина кај некои од најдобрите лекари на тоа време, вклучително и личниот доктор на Наполеон Бонапарта, Жан-Никола Корвизар де Марес. Додека студирал одржал едно од првите предавања на светот на темата меланом, креирајќи го терминот од грчкиот збор за „црно“. 

Од Корвизар Ланек научил да го користи методот на тапкање со прсти по градите на пациентот за да се дијагностицира можната болест. Но тој ја подобрил техниката со тоа што го ставал увото директно на градите на пациентот и научил како да разликува здрави од нездрави звуци на срцето. Набргу сфатил дека кај пациентите со прекумерна тежина често е многу тешко да се слушне што се случува во нивните гради. Исто така му било незгодно, а понекогаш и недозволено, да го стави увото на градите на пациентките. 

Така, тој се сетил на детска игра каде еден играч држел долго парче дрво до увото додека друг правел звуци на другиот крај со игла. Звуците биле пренесувани преку дрвото. Ова му дало идеја. Најпрвин свиткал листови хартија во цилиндар и го приближил ваквиот свиток до градите на пациентот слушајќи на другиот крај. Открил дека ова функционира прилично добро и почнал да експериментира со материјали. Неговиот конечен дизајн се состоел од шупливо парче цилиндрично дрво, слично на шупелките кои ги изработувал уште како мал. Го нарекол инструментот „стетоскоп“, користејќи го старогрчкиот збор „стетос“ за гради. Изумот бил регистриран во „Списанието за медицина на Нова Англија“, иако голем број доктори продолжиле да го користат методот уво на гради. Оној стетоскоп кој денес го знаеме, со две слушалки, бил измислен од американскиот доктор Џорџ Карман во 1852. 

Во меѓувреме Лаенек започнал огромен истражувачки проект, категоризирајќи ги нездравите звуци кои ги прави човечкото срце и, преку вршење аутописии, идентификување на нивните причинители. Наодите ги објавил во делото „За посредуваната аскултација“ (од латинското аскултаре - слуша, слушање на внатрешните звуци на телото). „Посредувана“ значело дека при слушањето се користи алатка за регистрирање и идентификација на звуците. 

Во 1822 го презел шефовското место на катедрата по медицина на Колеж д Франс од Корвизар. За жал, на само 45 години, додека ја проучувал туберкулозата, и самиот се разболел од неа. Се вратил во родната Бретања каде починал во 1826-та. 

3 септември 2024 - 15:41