Во американската историја има моменти кога високи функционери биле соочени со тешката одлука дали да останат или да заминат, како што тоа е сега случај со Џо Бајден.
Еден од нив бил исто така претседател. На последната вечер од март 1968, Линдон Б. Џонсон ѝ се обратил на нацијата од Овалната соба за да соопшти дека САД унилатерално ќе запре со бомбардирањето на Северен Виетнам.
При крај на обраќањето, тој имал да каже и нешто друго. Шокирајќи ја јавноста тој соопштил: „Нема да очекувам, ниту ќе прифатам, номинација на мојата партија за уште еден претседателски мандат“.
Џонсон имал 59 години. Три и пол години порано, тој победил со дури 61% од гласовите и во 44 држави, што се смета за една од најголемите претседателски победи во американската историја. Ја зазел позицијата во тежок период по атентатот на Кенеди, а преку Конгресот поддржал лавина од прогресивни закони, вклучувајќи го историскиот Закон за граѓански права од 1964 и Законот за права на гласачите од 1965. Со исклучок на Рузвелт, ниту еден претседател на постигнал толку многу.
Но на тој мартовски ден, во време на растечки антивоени протести и со голем број конкуренти на страната на Демократите, тој сфатил дека води земја која пука по шавови. Иако првично ја објавил својата кандидатура, проценката му била дека трката по уште еден мандат би можела да ги влоши нештата, за сите, па и за него. Едноставно, било време за некој друг.
И еден спротивен случај. Летото 2013, претседателот Барак Обама ја поканил судијката Рут Бадер Гинсбург на приватен ручек во Белата куќа. Тој сакал да ја натера Гинсбург да се пензионира. 80-годишната судијка веќе преживеала рак на панкреас, еден од најсмртоносните видови. Две децении служела во Врховниот суд и сторила многу за женските права. Истовремено, Обама бил загрижен поради тогашните избори - доколку Демократите го загубеле Сенатот, тој не ќе можел да ја замени со соодветен кандидат.
Но Гинсбург не го делела мислењето со Обама. „Мислам дека секој треба да остане додека мисли дека може да ја обавува функцијата. Ќе има претседател и по овој, и се надевам дека ќе биде добар“, рекла таа.
Тој следен претседател бил Доналд Трамп.
Гинсбург почина во септември 2020, само неколку недели пред Џо Бајден да го замени Трамп во Белата куќа. Но сепак, Трамп имал доволно време да ја смени Гинсбург со конзервативната Ејми Кони Барет. Во 2022 Барет го дала петтиот и одлучувачки глас за федералната заштита на правото на абортус. Да го послушала Обама и да не била толку оптимистична, Гинзбург ќе спречела ваков след на настани.