Koхеи Сато е доктор по филозофија од Универзитеот Хумболт во Берлин кој специјализира во областа на филозофија на економијата. Вон академските кругови стана познат во 2021 кога излезе неговата книга „Капитал во антропоценот“, која за издание од ваков жанр до сега се има продадено во неверојатни половина милион примероци. Ова од 36-годишниот филозоф направи нешто како маркистички „селебрити“.
Сега Саито има нова книга, „Маркс во антропоценот“, која се надоврзува на идејата за комунизмот кој не поддржува раст (degrowth communism) како „нов начин на живеење“.
Во време кога економијата без раст е жешка тема вон и внатре еколошкото движење, неговата цел е да го надмине јазот помеѓу марксизмот и оваа економска идеологија, обидувајќи се да ги спои „црвените“ и „зелените“. Многумина кои се занимаваат со еколошки прашања тврдат дека капитализмот е „бесконечна акумулација на конечна планета...корен на причините за климатскиот распад“. Но со оглед на тоа што Марксовите ставови за екологијата често биле маргинализирани, постои гледиште дека неговиот социјализам е исто така про-технолошки и анти-еколошки, дека го поддржува развојот на технологии кои стојат во основата на пост-капиталистичкото општество и ги игнорира ограничувањата на природата.
Според Саито потребно е ново читање на Маркс и на неговата анализа и на економската но и на еколошката криза.
Саито прв пат почнал да се занимава со Маркс како додипломец на Универзитетот во Токио, анализирајќи ги работните услови помеѓу привремените работници во Јапонија. По земјотресот и нуклеарната катастрофа во Фукушима од 2011, тој сфатил дека капитализмот не е само експлоатација на работниците туку и сериозно деградирање на околината. Под влијание на мислители кои тврделе дека кај Маркс има силни еколошки идеи, тој почнал да учи германски за од прва рака да се увери во истото.
Така се вклучил во уредување на збирката комплетни дела на Маркс и на Фридрих Енгелс, кои вклучуваат и до сега недоволно познати тетратки. Од нив се гледа дека кога Маркс бил при крај со вториот и третиот том на „Капиталот“, тој истовремено учел природни науки, хемија и геологија. Ова кај него предизвикало зголемен интерес за екологијата - го сметал уништувањето на природната средина како највидлива манифестација на централната контрадикција на капитализмот. Така, Саито почнал да го чита Маркс како „еколошки комунист“.
Зошто ваквата анализа на мислител од 19 век е важна денес? Саито тврди дека Марксовиот начин на разбирање на односот помеѓу луѓето и природата е содржан во неговата теорија на „метаболичкиот прекин“. Таа подразира отуѓување на човечкиот труд од природните ресурси, како во случајот со капиталистичкото земјоделие и индустријализација. Ваквиот јаз помеѓу човекот и екосистемите кој тој ги експлоатира претставува закана и по луѓето и по сите нечовечки суштества. Но оваа состојба според Саито не е неповратна. Треба да се прави разлика помеѓу она што не можеме да го смениме - како зголемувањето на температурата поради растот на CO2, и она што можеме, а најитното е користењето фосилни горива. Следни би биле напуштањето на потребата за прекумерно производство и ненужната потрошувачка, што би довело до трансформација и на работните места. Би можеле да минуваме многу помалку часови на работа, а наместо тоа да ги користиме своите способности и таленти на покреативен и ефикасен начин.
„2020-тите и 2030-тите ќе станат многу потрубулентни како што ќе се продлабочува кризата“, вели тој, надевајќи се дека радикалните протести кои ќе го придружуваат овој процес ќе резултираат со зголемена свесност за можностите кои се уште не се загубени.