Нелагодност на неделата

Дизајн направен за да предизвикува шубе

Чинија, кофичка за вода, чизми за дожд...Ова се сосема обични предмети кои ги користиме речиси секојдневно, и за кои вообичаено и не размислуваме. Сè додека некој не се сети нешто да им смени, детал кој одеднаш ја претвора нивната приказна од банална во бизарна.

Катерина Кампрани е архитектка од Атина, и автор на серијата скици и 3-Д визуелизации на дизајнерски предмети наречена „Неудобно" (во смисла на нелагодно, шубе). Она што таа го прави е всушност семиолошки експеримент: дали еден предмет кого го знаеме како „чадор", заради неговата форма и функција, одеднаш престанува да биде тоа, доколку е направен од - бетон? Целата работа според зборовите на самата Кампрани почнала како „откачен садистички дизајнерски проект" и е „паразит во светот на материјализмот" бидејќи е сосема бескорисен.

 

Можеби е бескорисен во смисла на примена, но кофичката со прскалката свртена од погрешната страна, чизмите со отворени прсти и чашата со трнчиња се крајно едноставни, но и крајно ефектни истражувања на она што подразбираме под „утилитарно" и „секојдневно", и за тоа каде ја поставуваме границата после која одреден предмет престанува да биде она што сме навикнати да е. Ако е поткршен работ на чинијата за супа, тоа е се уште чинија за супа. Но што ако во неа има дупче?

Штета што ги нема да се купат, инаку вакво џезве би било супер да им подметнете на колегите.

2 април 2014 - 13:50