Дафне, Џени и Уранија припаѓаат на три генерации жени меѓусебно одделени со по дваесетина години, кои се поврзани преку мажите во нивните семејства. Нивните син, сопруг, односно татко се функционери на грчката „Златна зора“, екстремно десничарска партија која на парламентарните избори во 2015, кога е и сниман филмот, успеа да добие алармантен број гласови, и со тоа се најде на трето место. Но успехот е поматен од фактот што заради претходно убиство на 34-годишниот Павлос Фисас, познат по своите антифашистички стихови (за што подетално пишувавме тука), токму тие се уапсени заради можната вплетканост во истото. Меѓу нив и лидерот Николаос Михалолиакос.
Филмот ги следи активностите на партијата во овој за неа тежок период, во кој жените не само што не седат со скрстени раце, туку смислуваат и нови стратегии за пристап до „избирачкото тело“ и убедување на јавноста во невиноста на нивните блиски. Патувања низ земјата со муабети еден на еден со потенцијалните гласачи, делење флаери по пазари, соочување со острите коментари на нивни сограѓани кои си спомнуваат на искуствата со германскиот фашизам и меѓусебното грчко истребување, предупредувајќи дека Златна зора може да придонесе истото да се повтори. Но за разлика од агресивните алфа-мажјаци од нивните семејства, овие жени се обидуваат со кротко да излезат на крај со опонентите, со флоскули од типот „секој има право на свое мислење“ и претставување на нивните блиски како сосема обични семејни луѓе, кои без никаква причина се во апс.
Единствено поостра е 26-годишната Уранија Михалолиакос, ќерката на големиот водач. По професија психолог, таа ја одложува магистерската специјализација по психо-патологија (sic!) за додека нејзиниот татко е во притвор да ја преземе раководната улога. Сцените во кои оваа млада интелигентна девојка е снимена со позадинско светло кое (намерно?) имитира некакво романтично изгрејсонце, златна зора, се во неверојатен контраст со нејзиниот телесен и друг став - крајно самоуверена, но и крајно претпазлива за она што ќе го изјави пред камерите да не може да се извади од контекст и „погрешно“ да се толкува.
За разлика од вообичаениот пристап на документарците, кои се обидуваат да останат неутрални набљудувачи на она што се снима и да не заземаат страна, режисерот на овој, Норвежанецот Хавард Бустнес, во еден момент излегува од колосек испровоциран од постојаните одбегнувања на Уранија да одговори на едно навидум едноставно прашање - дали таа и нејзината партија е идеолошки блиска до нацизмот? Додека го водат овој клучен разговор, Уранија си го шета кученцето и се крие од дождот под качулка, со изглед на симпатично, полничко девојче. „Девојче“ на кое не му е гајле дали режисерот, или кој и да е друг, ја смета за идеолошки неподобна. „Мислев дека во тебе има нешто човечко“, ѝ плеска Хавард во лице, на што таа рамнодушно крева со раменици, како да му вели - твој проблем.
Иако во фокус на филмот се жените, помеѓу разговорите со нив се монтирани шокатни архивски снимки, извадоци од ТВ емисии и фотографии од семејните албуми на главните ликови. На една од нив е младиот Николаос Михалолиакос. во нацистичка униформа, како салутира, а која неговата ќерка, сосема отворено покажувајќи ја во камера, ја нарекува „слатка“. На други членовите на Златна зора извикуваат антисемитски слогани или откако вршат „рации“ на проверка на дозволи на пазарџии, ги демолираат имигрантските тезги.
Филмот почнува со коментар на режисерот - „Што се случи со Грција? Тоа прекрасно место крај море, идеално за одмор?“. Ваквиот негов меланхоличен тон се прелева во очаен при крајот на филмот. Во последната сцена, групна крштевка на деца на членството, едно од нив го добива името Ирини Златна Зора. И остава горчлив вкус за иднината, во која овие деца би можеле да бидат новите нео-нацисти.