Во 2011 Тони Киркпатрик, уредничка во издавачката куќа Томас Дјун Букс, се јавила кај човек по име Аларик Хант со добри вести - дека тој е победник на конкурсот за дебитански детективски роман. Конкурсот има добра репутација, а наградата е добра сума од 10,000 долари и гарантиран договор за издавање на ракописот.
Жирито кое одлучувало за наградата го оценила романот на Хант како убедлив - човекот знаел да раскаже приказна, јазикот и дијалогот биле фантастични, а ликовите делувале реално. Освен ова, никој не знаел ништо за авторот.
На телефонот на Хант се јавила неговата братучетка, која всушност го испратила ракописот во негово име. Тој не можел да се јави, од објективни причини. Затоа што минатите 25 години ги има минато во затвор, а таму ќе остане уште некое време, затоа што лежи доживотно, за убиство.
Убиството се случило кога тој имал 19 години. Сега има 44 и работи во затворската библиотека, каде минува долги часови и самиот читајќи. Омилени му се Хемингвеј, старогрчките и римските филозофи, како и научно-фантастичните мајстори.
За учество на конкурсот се одлучил кога видел оглас во списание, а романот го напишал за пет месеци. Под наслов „Боли до коска" (Cuts Through Bone), тој зборува за убиство на студентка чиј дечко, ветеран од војната во Авганистан, е неправедно обвинет за злосторството.
Хант, чиј коефициент на интелигенција додека учел гимназија бил проценет на 137, за сцените се инспирирал од епизоди на „Закон и ред" како и други детективски романи, како на пример „Долгото збогум" на Рејмонд Чендлер или „Малтешкиот сокол" на Дашиел Хемет.
Последен пат Хант имал посета во затворот во 2006 кога го посетиле роднини. На новинарот на Њујорк Тајмс кој сакал да го посети откако се дознало дека тој е победник на спомнатиот кокнкурс му било тешко да добие дозвола бидејќи според законите на Јужна Каролина, кадешто е затворен Хант, посети се дозволени само од луѓе кои го познавале затвореникот тој да биде осуден, а строго се забранети интервјуа и фотографирање, за да се спречи „создавање гламур од кривичните дела на сторителите и повторно виктимизирање на жртвите и членовите на нивните семејства". Затоа новинарот бил приморан на преписки и телефонски разговори. Тој го опишува Хант како „затворски филозоф", полн со горчлив хумор. Она што е добра вест за него е дека во 2000 Јужна Каролина го поништила законот според кој затворениците не смеат да објавуваат текстови и да остваруваат профит од нив.
Најтешкиот дел од објавувањето на книгата бил уредничкиот, бидејќи сите корекции морале да бидат испраќани преку пошта. Иако сето тоа се отегнало во тек на две години, при што се случувало на една страница да има ракописни корекции од тројца луѓе (уредникот, коректорот, лекторот..) сепак книгата излегла во мај 2013. Издавачот е дециден дека опишаното убиство во книгата нема врска со она за што е осуден Хант. Имено, тој е во затвор заради убиство на 23 годишната Џојс Остин, која се загушила од огнот кој го подметнал постариот брат на Хант додека ограбувале златарница. Џејсон сакал да се запише во музичко училиште и парите наводно му требале за тоа. Прстените кои ги украле подоцна биле проценети на само 200 долари.
Критиката засега е поделена во оценките, нарекувајќи ја книгата „напумпана проза". Но приказната за тоа дека книга која се врти околу едно убиство ја напишал вистински убиец сигурно ќе помогне таа да се продава.