Ако воопшто некој денес се сеќава на Антонио Мини, тоа е поради една анегдота поврзана со неговиот учител, Микеланџело. Еден ден маестрото скицирал неколку Богородици и му дал задача на Тони да ги ископира. Резултатот бил половичен. Од една страна неговиот талент и напори биле очигледни, но исто така било очигледно дека тој брзал и не посветил доволно внимание. Петстотини години подоцна, неговата домашна работа се чува во Британскиот музеј, сосе забелешката на Микеланџело: „Цртај, Антонио, цртај...и не губи време!“.
До скоро беше вообичаено и оние кои се подготвуваат за професионално занимавање со сликарство и други визуелни уметности, а и оние кои само покажуваат талент за истото, да почнат со својата обука цртајќи мртви природи или живи модели. Аголот на секоја линија, внатрешните пропорции на обликот, играта на светлина и сенки, сето тоа е нешто што се вежба, со усовршување на потезите со рака (не со маус или со некоја друга техничка алатка).
Еден од изворите за модели-цртежи е книгата Cours de Dessin (Курс по цртање) на Шарл Барг и Жан-Леон Жером, тритомен прирачник објавен помеѓу 1868 и 1873. Тој нуди серија цртежи со прогресивна тежина - првата е посветена на човечкото око, следат прекрстени женски нозе, па биста на убиецот на Цезар, Брут итн. Барг сето тоа го нацртал самиот, бирајќи примери од древната уметност ко на учениците би им помогнале да ги совладаат формата, линијата и тоналната вредност. Ова значи дека тие треба да го ископираат цртежот на Барг, кој пак е направен врз основа на гиспен модел на статуа инспирирана (во повеќето случаи) од човечки модел. Ваков синџир на репродукција може да изгледа апсурдно. Всушност, тој го поврзува ученикот со традицијата на уметничко обучување која се протега до Антонио Мини па и многу пред тоа.
Пикасо ја користел истата тритомна книга како тинејџер, но најентузијастичен промотор на методот бил Винсент Ван Гог. Во септември 1880 тој напишал: „Редовно копирам цртежи од Курсот и имам намера да ги завршам пред да почнам со што и да е друго, бидејќи секојдневно чувствувам дека и раката и умот ми стануваат поподготвени и посилни“. Иако копирањето знаело да биде и фрустрирачки процес, Ван Гог го опишал како „пораѓање“ - прво болка, а потоа радост. Десет години подоцна, само неколку недели пред својата смрт, тој планирал повторно да го помине целиот Курс.
Поентата на сето тоа копирање е контрола на очите кои се натерани навистина да гледаат. Но повеќето уметнички школи денес не изгледаат нешто заинтересирани да ги научат своите студенти на оваа темелна вештина. Тие се фокусираат на други, „потренди“ активности, а оние кои сакаат да учат традиционално тоа најчесто мора да го прават самите.
„Зошто луѓето престанаа да цртаат?“ - неодамна праша познатиот британски уметник Дејвид Хокни. На почетокот на 20 век и во поголемиот дел од него, без оглед на сите уметнички револуции кои се случиле во меѓувреме, тренингот на сликарите вклучувал посветено цртање живи модели, во што имало и академска компонента: анатомија, геометрија, историја на уметност. Дури потоа можело да се почне со сериозна работа на вајање или сликање. Денес оваа подготвителна фаза се прескокнува и со тоа се доведува во прашање и целиот процес кој следи. Цртајте, современи уметници, цртајте, и не губете време! - би била пораката на Микеланџело.