Дали зборуваш „њујорктајмсовски“?

Медиумите се одраз на начинот на кој се мисли и се зборува. Но и обратно, истите влијаат врз развојот на речникот на одреден јазик, ставајќи во оптек или потиснувајќи одредени зборови и/или нивни значења. Њујорк Тајмс од 19 век наваму ги прави и двете, а сега има и Твитер профил на кој на дневна основа можат да се следат зборовите кои прв пат се употребени во весникот. 

Њујорк Тајмс е веројатно првото нешто што доаѓа на памет кога ќе се помисли на старовремски весник, на хартија, со сите салтанати. Но истовремено, тој е рефлексија на метаморфозата на медиумот. Неговата цел, согласно последниот годишен извештај е „да биде основна претплата на секој говорник на англискиот јазик кој се обидува да го разбере светот и да се ангажира во него“. Публикацијата има претплатници во 236 земји, а од 8.8-те милиони во 2021 повеќе од милион биле меѓународни. Единственото нешто кое ги поврзува овие разнородни заедници е англискиот јазик, односно верзија на тој јазик кој е регулиран согласно прилично строгите стилски правила на весникот.

Како што тој се менува за да покрие нови реалности, како криптовалутите или начинот на живот на новите генерации, така се менува и неговиот јазик. Тоа може да се следи во реално време преку Твитер ботот @NUT_first_said, создаден пред шест години од инженерот и уметник Макс Биткер. Секогаш кога Тајмс ќе употреби збор кој дотогаш не се нашол во него, ботот го постира. „Дотогаш“ значи во долгата историја на весникот, чија архива оди наназад до 1851. 

Ботот на Биткер скенира околу 2400 зборови секој работен ден (околу 1400 за викенд) а месечно твита помеѓу 160-200 нови зборови.

Проектот бил инспириран од ботот @everyword на Алисон Периш, кој твиташе англиски зборови во тек на седум години. Конечната бројка беше 109.157, што делува многу но всушност е само една шестина од цеиот Оксфордски речник на англискиот јазик. Се постираа единечни зборови без дефиниции. Недостатокот на контекст истовремено беше маана, но и креативен предизвик, луѓето да си ги толкуваат зборовите.

Ботот на Њујорк Тајмс на сличен начин објавува само еден збор без објаснување, но Биткер создал и паралелен профил @NYT_said_where, кој на постот за новиот збор автоматски одговара со линк од текстот и конкретната реченица кадешто истиот се појавил. 

Иако најчестите примери на појава на нови зборови се од колумни и авторски текстови, извор се понекогаш и вестите. „Шитхол“ станал вирален кога го кажа поранешниот претседател Трамп во 2018; минатиот август се појави „шринкфлејшн“ (зголемување на цените а намалување на тежината на одреден производ); „трипледемик“ (комбинација на грип, RSV - респираторна болест и Ковид) дебитираше во октомври. Нови зборови беа изнедрени во текот на пандемијата, како „ковиддиворс“ (ковидразвод), „коронабејбис“ (коронабебиња) или „балонивирус“ (глупоствирус).  

Збор на денешниот ден, 9.3 е „хорорсплејн“, од осврт кон серијата „Скрим 6-ка“ и реченицата „нуди можност на оние кои ја гледале серијата на екс да има ја хорораскажат на своите пријатели и семејството“.

извор

9 март 2023 - 08:22