Првиот проблем со „веста" е што таа се базира врз воскресната студија. И тоа не е прв пат таа да се реактуелизира, бидејќи веќе се објавени текстови поврзани со неа во 2011. Во неа антропологот Френсис Такери и неговите колеги хемичари анализирале остатоци од 17-вековни глинени лулиња од Стратфорд на Ејвон, вклучително и од локацијата кадешто живеел Шекспир. Сите тие потврдиле, меѓу другото, присуство на никотин, камфор, дури и од кокаин, но траги од канабис „се сугерираат, но не се докажани".
Освен ова, проблематично е и тоа дали од истражуваните 24 лулиња некое навистина било користено од Шекспир, бидејќи нивното датирање според големината и димензиите е прилично лабаво, и гласи дека „тие најверојатно се од 17 век" (патем, Шекспир умрел во 1616). Без да се ископа неговото тело и да се подложи на хемиско тестирање, тешко дека може да се докаже дека Шекспир бил хај додека ги пишувал неговите драми и сонети.
Ваквите површни информации палат заради две нешта. Прво, заради многу ниската критичност која владее при голтањето вести на интернет. Второто, поконкретно, е дека сакаме да знаеме повеќе за Шекспир бидејќи всушност за него и не знаеме многу. Дали бил потајно католик или хомосексуалец, дали воопшто тој е автор на неговите дела? Кој од неколкуте негови портрети всушност го прикажува „вистинскиот" Вилијам? Голем број информации кои се пренесуваат како „откритија" во врска со него бргу се отфрлаат од академската заедница, бидејќи стандардите за верификација се прилично високи.
Но само затоа што откритијата во врска со Шекспир не можат да бидат потврдени не значи дека во иднина соопштенијата за нив нема да бидат дочекувани со ентузијазам. Следната година се одбележуваат 400 години од неговата смрт, што е само најава за уште една медиумска плима.