Дали „рускиот рулет“ е навистина руски?

Играта на живот или смрт веројатно ја измислиле руски војници. Но најзаслужен (или виновен) за нејзината популарност е всушност Швајцарец.

Жорж Сурд (Georges Surdez) се родил во 1900-тата година во семејство од средната класа кое зборувало француски во кантонот Берн во Швајцарија. Татко му бил часовничар, а мајка му била посветена на домаќинството. Таа имала мистична страна, која своја оддишка наоѓала во читањето тарот карти за соседите. Семејството било многудетно, иако две од децата починале во несреќни случаи (санкање, паѓање од дрво) уште како мали. 

Кога имал 12 години, семејството се преселило во Њујорк, каде Жорж, иако бил образовано и воспитано дете (или токму поради тоа) бил честа мета на децата кои го нарекувале „валканиот Швајцарец“. Го напуштил школото, а на 19 години емигрирал во Африка за да почне нов живот на Брегот на слоновата коска, тогашна француска колонија. 

Уште во САД имал сфатено дека можат да се заработат добри пари со пишување авантуристички приказни, какви што сакал да чита како дете, а за ова го имал и потребниот талент. Кратка проза му била нарачувана и објавувана во различни списанија. Негов љубовен роман во 1927 бил дури и адаптиран на филм од продуцентската куќа на извесен Џозеф Кенеди, чиј син подоцна ќе стане претседател на САД.

Сурд бил особено фасциниран од Легијата на странците, елитната француска армија. Таа обезбедила позадина за неговиот расказ „Руски рулет“, кој се појавил во 1937 во популарното списание Collier Illustrated Weekly. Главни ликови  во него се рускиот поручник Бурковски, компулсивен коцкар и германскиот поручник Фелдхајм, кој се обидува да го извлече Бурковски од зависноста. Сепак, Русинот не игра вложувајќи само пари, туку и сопствениот живот. Преживува неколку рунди руски рулет, пред конечно да си го одземе животот намерно пукајќи си во глава.

Во приказната, Бурковски тврди дека играта била измислена во 1917 од руските офицери во Романија, во текот на последните денови на руското учество во Првата светска војна, кога деморализираната царска армија се повлекувала. Со други зборови, играта во тоа време веројатно била реална. 

Дали рускиот рулет навистина постоел пред приказната на Сурд, не е сосема јасно. Но јасно е дека била популарна по неа. Во 1954 ритам и блуз пејачот Џони Ејс умрел играјќи ја. Терминот е влезен во метафорична употреба, и во македонскиот, и означува некаква активност со висок ризик. Во јуни 2024 генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереес, изјави дека „си играме руски рулет со планетата“. 

15 јануари 2025 - 21:11