Дали придавките можат да го сменат светот?

Едно општество може да се бори против климатските промени со скапи и радикални мерки - наметнување даноци, менување закони, драстични казни за загадувачи. Но исто така може да се навикне поинаку да зборува за фосилните горива, што нема магичен ефект, но индиректно влијае врз промената на погледот на работите. 

Како се вика автомобил кој користи и бензин и батерија?

Хибриден.

А како се вика автомобил кој вози на струја?

Електричен

А како се вика автомобил кој вози само на бензин?

Па...Автомобил.

И покрај заканите од климатска катастрофа и истражувањата кои покажуваат дека фосилните горива треба да си останат во земјата, овој систем останува доминантен, нормален, па дури и невидлив.

Ова го тврди Метју Хофман, професор по политички науки и ко-директор на Лабораторијата за раководење со животна средина на Универзитетот во Торонто. И го поткрепува со примери од јазикот (во случајов англискиот, но важи и во други), каде не постојат придавки за опис на ваквите „обични“ машини, не само кога станува збор за автомобили туку и за апарати за домашно загревање, и за земјоделско и индустриско производство. Кога тие работат на фосилно гориво, тогаш нив јазикот ги смета за „нормални“, без потреба дополнително да ги прецизира.

Не е сеедно, вели Хофман, ако како општество за она што сега го нарекуваме само „автомобил“ почнеме да зборуваме како за „валкан автомобил-бензинец“, или за „неодржливо земјоделство базирано на нафта“ наместо само за „земјоделство“.

Во „Ставање на крај на ерата на фосилните горива“ авторите Томас Принкен, Џејк Мано и Памела Мартин ја истражуваат провокативната идеја на американскиот филозоф Ричард Рорти, дека длабока општествена промена во однос на некое прашање делумно зависи и од „поинаквото зборување“, во случајов за климатски прашања. И не треба да се чека работите да се наречат поинаку кога тие ќе се сменат, туку тие можат да се променат ако за нив се зборува поинаку. На пример, доколку светот на фосилните горива се направи чуден и негативен во нашите мисли, како што тоа претходно се направи (и уште се прави) со изрази во областа на родовите прашања, класните и расните односи.

Излегува дека доколку за некоја именка е потребна придавка за да ја дообјасни, таа не претставува норма, туку е маргинализиран ентитет, во најмала рака од втор ред. Здравје и женско здравје. Студенти и црни студенти. Но, начинот на кои ги користиме овие етикети и ги пуштаме во секојдневен говорен промет зависат само од нас, па оттаму ние сме оние кои можат да иницираат промена во оваа област, а не некој надреден авторитет.

Најголемо влијание сепак можат да имаат надлежните институции и медиумите. Неодамна Фајненшл Тајмс извести дека лондонската берза ги сменила имињата на категориите за енергетски акции, па Бритиш Петрол и Ројал дач шел сега не се групирани во „производители на нафта и гас“ туку спаѓаат во индексот на „необновливи“.И ова не е само семантика, туку има голема врска со законскиот третман на ваквите компании.

Ваквата практика би требало да важи и за новинарите, политичарите и сите кои имаат какво и да е влијание врз формирањето на јавниот говор, кој пак е во спрега со мислењето. Секако, придавките не се магични, но замислувањето и зборувањето за светот онаков каков што би сакале тој да биде може да мотивира негова трансформација.

извор

22 јули 2019 - 09:52