Дали правата за книги треба да бидат бесплатни?

Прашањето за тоа кој треба да ги поседува книжевните дела и колку долго е тема на остра полемика. Неа ја предводи движење за укинување на авторското право, или барем за намалување на неговото времетраење. 

Во 1969 Хозе Иглесијас ја објавил „Во тупаницата на револуцијата“, книга за тоа како протестите против Фидел Кастро влијаеле врз населението од мало кубанско гратче. „Изданието е одамна исцрпено“, вели неговиот внук Мат Иглесијас, американски писател на теми од политика и економија. Тој признава дека книгата не би носела никакви пари, но би била интересна за оние кои ги интересира кубанската револуција или предаваат нешто во врска со неа. Во случајот со Иглесијас работата е лесна, бидејќи неговиот син и внукот се подготвени да ги отстапат правата на секој кој би посакал да ја објави книгата на кој и да е јазик. Но некое друго опскурно издание, од издавачка куќа која можеби веќе не постои, напишано под псевдоним или од автор со многу често презиме, би било речиси неизводливо да се објави. Потрагата по вистинскиот сопственик на правата често е толку комплицирана и долготрајна што потенцијалниот издавач веројатно ќе се откаже на половина пат.

Ова е причината зошто Иглесијас е застапник на тоа книгите да постојат во јавниот домен - ослободени од копирајт - многу порано отколку што е тоа случај денес (70 години по нивното објавување, според европските закони). Моменталниот систем, како што вели тој, е „капиталистичка тврдина изградена од просечни интелектуалци“. Културата главно профитира од адаптации и ре-изданија на класиците, кои се секако ослободени од права. Но други вредни нарации како да се во „карантин“ - недостапни а често и блокирани од големите бизнис конгломерати. Еден од најпознатите случаи е оној со Дизни, кој наводно извршил притисок врз Конгресот ретроактивно да ги продолжи законите за заштита на ликовите како Мики Маус, непосредно пред истекот на авторските права кои се однесувале на нив.

Иглесијас своите ставови ги искажа на својот блог на платформата Сабстак, со симболично име Slow Boring (Бавно Досадно). Неговиот напис наиде на огромно несогласување од страна на авторите, кои сметаат дека ваквата промена ќе значи крај на нивниот економски опстанок. Неговиот арумент пак е дека случаите кога книга стара неколку децении одеднаш добива комерцијална вредност се многу ретки (можеби кога ќе се направи серија од неа, како во случајот со „Приказната на слугинката“ од Атвуд), и дека „обидот да се зачува писателскиот животен стандард со продолжување на копирајтот е како да ја зголемуваш добивката на лотарија наместо да го зголемиш бројот на луѓе кои би можеле да учествуваат“. Со други зборови, ако делото е „заробено“ од авторски права, тоа и не може да се адаптира, ниту да се препечатува, па оттаму и шансата некој да остане и без и онака малата заработка неколку децении по првото издание е прилично голема.

Иако звучи парадоксално, овој став го поддржуваат и дел од издавачите. Но што се однесува до правата, некои од нив велат дека треба да се прави разлика помеѓу автори на кои писателството им е единствена професија и оние кои се можеби професори, истражувачи, актери или новинари а кои издаваат книга повеќе за престиж и видливост на нивните трудови. Во првиот случај одземањето на авторското право навистина би имало големо влијание врз нивната економска ситуација. Но во вториот оние кои профитираат најчесто не се авторите, туку големите издавачи и агенциите-застапници на правата, кои немаат милост дури и за толку мали пазари како што е македонскиот.

1 април 2021 - 10:34