Авторот на „Речникот на гестови“, францускиот писател Франсоа Карадек (1924-2008), се нафатил на амбициозна задача - да ги нотира гестовите согласно различни делови од телото. Во 37-те поглавја и низ 850 илустрации тој почнува со главата, челото, увото, па надолу кон торзото, гениталиите, бедрата, колената, нозете и стапалата. Притоа зема предвид и некои необични делови, како забите, лактот и ноктите на прстите на рацете!
За илустрација, еве што вели тој за средниот прст:
Средниот прст е третиот и најдолг од петте прсти на рацете. Познат е и како медиус (digitus medius) а на француски се нарекува и мажор (le majeur). Со оглед на тоа што е „голем“, тој е само за возрасни.
„Прстот“ или „птицата“ во Франција е познат како le doight d'honneur или „прстот на честа“ и оттаму тој е помалиот брат на „раката на честа“. Ова подразбира дека ако некому му го покажеш прстот или целата рака го користш најстариот од сите опсцени гестови, кој бил користен уште во древен Рим, каде средниот прст бил познат и како digitus impudicus (нечист, безобразен прст).
Една од целите на авторот била да укаже на културолошките разлики во користењето на гестовите. На пример, нешто што вообичаено се толкува како „стоп“, со високо крената дланка свртена кон другиот, во Грција може да биде протолкувано како „мунца“ или фаскелома, најтрадиционалниот навредлив гест во оваа земја.
Тој се состои од раширени прсти на раката, со дланката накај оној којшто сакаме да го навредиме, благо свиткани прсти и извик „ористе“ (повели!) или „на!“ (во исто значење и кај нас - држи, земи) и некоја пцост. Колку што гестот е поблизок до лицето на другиот толку се смета за поагресивен. Името „мунца“ потекнува од обичајот прекршителите (на пример крадци) да бидат водени низ населбите на магаре со лицето намачкано со пепел (мунцос) за да се засили нивното засрамување. Бидејќи пепелта била собирана од лицето на сторителот со нејзино собирање со дланка, гестот станал навредлив. Слично значење тој има и во Ирак, Пакистан, Нигерија, а во Шпанија го користат фудбалските фанови како навреда кон опонентите кога нивниот тим дал 5 гола (на шпански „мано“).
Некои гестови додуша се прилично универзални, но Карадек сепак чувствувал потреба да го нацрта односно објасни, како овој „Да се отвори устата, да се кренат веѓите и да се рашират очите - вчудоневиденост. Универзална експресија, според Дарвин, во „Искажување на чувствата кај човекот и животните“ од 1872.
Повеќе гестови и илустрации од книгата тука