Со децении телевизиското интервју претставувало уметничка форма самото по себе. Тоа ја замаглувало тенката граница помеѓу вестите и забавата, но знаело да има и далекусежни последици по домашната и светската политика.
Најчесто наведувани во таа смисла се интервјуто на Дејвид Фрост од 1977 со Ричард Никсон, во пост-Вотергејт периодот, или она на Мартин Башир со принцезата Дијана од 1995. На листата на најгледани и највлијателни (што не значи и најквалитетни од новинарска гледна точка) се и оние на Мајкл Џексон со Опра, на Моника Левински со Барбара Волтерс, и на порно актерката Сторми Даниелс со Андерсон Купер, во контекст на нејзина врска со Трамп од 2006.
Новинарските стратегии применети во овие денес славни интервјуа, се различни. Башир, на пример, е ненаметлив и ѝ ја отстапува на Дијана целата сцена, без да ѝ стои на патот. Фрост пак бил вооружан со факти и ги користел за бавно но сигурно да го притиска Никсон во врска со легалните и моралните проблеми на неговото однесување. Суштината на овие разговори се има прелеано и во популарната култура - Питер Морган вербалниот спаринг од интервјуто помеѓу Фрост и Никсон го претворил во драма од 2006, а потоа и во филм од 2008 со Франк Ленгела и Мајкл Шин во главните улоги.
Моменталните наслови го опишуваат интервјуто со принцот и неговата сопруга како „историско“, а коментаторите главно го фалат пристапот на Опра, која е прилично прецизна но истовремено и човечна. Сепак, прашање е дали денес, кога славните личности во градењето на својот имиџ многу повеќе се потпираат на социјалните мрежи и на самопромоцијата, е можно интервјуто се уште да биде високо вреднуван занаетски производ. Интервју кое истовремено е разоткривачко, информативно, можеби и забавно, а има и големи последици (добри или лоши) по самиот соговорник.