Архитект да биде прогласен за светец? Колку и да звучи необично, ваква иницијатива е започната пред 20 години, кога еден свештеник му сугерирал на каталонскиот архитект Хозе Мануел Алмузара дека Гауди би бил добар кандидат за беатификација, што е првиот чекор на патот кон тоа тој да биде прогласен за светец.
Алмузара ова го сфатил сериозно и го формирал Здружението за беатификација на Антони Гауди, истовремено започнувајќи да собира документи за разгледување во Ватикан. Еден од нив, којшто е всушност клучниот, е биографијата на Гауди напишана од новинарот Јосеп Марија Тарагона, кој смета дека самото градење на Саграда Фамилија не е доволен услов за беатификацијата.
„Римoкатоличка црква отсекогаш ги користела најдобрите уметници - ваквата логика би довело до тоа дека треба да се беатифицираат и Микеланџело и Моцарт", вели тој. „Разликата е во тоа што животот на Гауди е живот на вистински христијанин. Тоа е живот на светец".
Гауди е роден во Каталонија во 1852 во богато семејство, а детството и младоста ги минал јавајќи коњи, посетувајќи опера и јадејќи во најубавите ресторани. Дури и пред да дипломира архитектура на Универзитетот во Барселона, тој веќе имал дефинирано сопствени специфичен визуелен јазик, инспириран од сликите на предисламските објекти во делтата на Нил. Легендата вели дека раководителот на катедрата по архитектура, кога му ја доделувал дипломата, изјавил дека не знае дали ја дава на гение или на лудак.
Во текот на животот Гауди бил многу загрижен за благосостојбата на работниците. Помогнал да се формира Colonia Guell, работничка заедница која располагала со болница и училишта, како и со првиот фудбалски стадион во Шпанија. Кога почнал да работи на Саграда Фамилија во 1883, тој изградил школи за децата на работниците.
Изборот на Гауди за архитект на катедралата бил контроверзен бидејќи во тоа време тој не бил активен католик. Но тоа почнало да се менува како што објектот растел. Тарагона верува дека тогаш му се случило просветлување, што водело кон аскетски начин на живот - за ручек Гауди јадел само неколку листови зелена салата потопени во млеко. Кога имал четириесетина години речиси умрел заради строг пост, а почнал повторно да јаде само затоа што некој свештеник го потсетил на обврската да ја заврши базиликата. Нејзе ѝ посветил повеќе од 40 години, одбивајќи проекти во Париз и Њујорк за големи пари. Кога проектот бил доведуван во прашање заради немање средства, тој опсесивно собирал донации за да не заминат работниците од градилиштето.
Гауди никогаш не се оженил, иако тоа нема врска со неговата вера - едноставно немал среќа во љубовта, а богами и во животот. Во јуни 1926, на пат кон исповед, го згазил трамвај, а луѓето заради неговата облека прво мислеле дека се работи за просјак. Умрел три дена подоцна, оставајќи ги сите пари на базиликата.
Но тој не умрел со маченичка смрт, а во тој случај, според правилата за беатификација, Ватикан бара доказ за извршено чудо - Гауди, освен „чудото" на Саграда Фамилија, не извршил друго. Така, постапката е се уште во тек, иако во меѓувреме и Јован Павле Втори и Бенедикт 16 покажале интерес за случајот. Вториот во 2010 година ја осветил градбата, укажувајќи на храброста и креативноста на нејзиниот градител. Но други велат дека чудо имало, и дека тоа се состои во фактот дека од 1882 до денес немало несреќен случај помеѓу работниците, ниту помеѓу посетителите на објектот, кој е целиот во скелиња. Истовремено, влегувањето во објектот дури и кај неверници предизвикува чувство на возвишеност. Почитувачите на Гауди излегуваат и со „вистински" приказни за чудесни исцелувања, враќање на видот или излекување тумори по посетата на местото. Сепак, Ватикан засега не е импресиониран.
Гауди доживеал комплетирање само на една од кулите. Сега ги има осум, а уште десет ќе бидат изградени во следните 20 години. Тогаш скелињата конечно ќе се тргнат и објектот ќе заблеска во неговата вистинска форма, онаква каква што ја замислувал Гауди, светецот помеѓу архитектите.