Во 17 век доктринарната идеја на католичката црква околу позицијата на Земјата во однос на другите небесни тела била следнава: таа се наоѓа во центарот на универзумот, неподвижна, а сè друго се врти околу неа. Ама еден научник не мислел така. Иако не можел да го докаже тоа, Галилео Галилеј, врз основа на своите астрономски набљудувања и експерименти во областа на механиката, заклучил дека Земјата заедно со другите планети се движи, и тоа околу Сонцето.
Колку и да обидувал да ја убеди црквата во ваквата вистина, таа не само што не отстапила од својата позиција, туку го судела за богохулие и го казнила со доживотен домашен притвор, цензурирајќи ги неговите дотогаш објавените дела, и забранувајќи му да пишува нови. Откако ја слушнал пресудата, Галилео наводно промрморел - „Сепак се движи“ (Eppur si muove), во смисла на тоа дека инквизиторите можеби ја добиле оваа битка, но дека тоа не ја менува реалноста.
Реченицата е пронајдена скриена во портрет „Галилео во затвор“ од 1640-тите, која долго време му се припишувала на шпанскиот сликар Бартоломеј Естебан Муриљо (или уметник од неговата школа), кога сликата бил реставрирана во 1911. На неа научникот е загледан во овие зборови напишани на ѕидот од ќелијата. Ова поттикнало ширење на легендата за потеклото на мотото, чие изговарање пред инквизиторите било невозможно - во таков случај Галилео тешко дека ќе умрел од природна смрт на 77 години.
Историчарот на наука Антонио Фаваро (1847-1922) посветил четири децении на проучување и контекстуализација на животот и делото на Галилеј, што довело до неговото монументално дело, Le Opere di Galileo Galilei (Делата на Галилео Галилеј). Тој открил дека најраното спомнување на „Сепак се движи!“ е во книга под наслов „Италијанска библиотека“, објавена во Лондон во 1757 од страна на италијанскиот автор Џузепе Барети.
Во неа Барети пишува:
„Ова е славниот Галилео, кого инквизицијата го судела и мачела шест години затоа што рекол дека Земјата се движи. Во моментот кога го ослободиле, тој погледнал кон небото а потоа кон земјата, и нагазувајќи ја, замислено рекол - Epрur si muove, сепак се движи, мислејќи на Земјата“.
Oва сепак повеќе личи на филмска сцена произлезена од умот на холивудски режисер отколку на веродостоен историски опис на она што се случило. Oттаму, кога Фаваро во 1911 добил писмо од сопственикот на споменатата слика на која било пронајдено мотото, веднаш се заинтересирал за неа како за можен патоказ кон вистинската приказна. Тој го обелоденил наодот во медиумите, а неколку весници од регионот ја пренеле веста. Бидејќи се претпоставувало дека сликата била создадена во 1643/1645, излегува дека реченицата била веќе позната кратко време по смртта на Галилео (во 1642), а не е продукт на историска имагинација. Таа веројатно не била изговорена стоејќи пред инквизиторите, но можеби била напишана на ѕидовите на неговата ќелија, или кажана во разговор со блиските кои го посетувале?
Истражувач на Scientific American во нов текст на оваа тема одлучил да тргне во потрага по спомнатата слика, која иако игра толку голема улога во историјата на науката, за чудо никогаш не била подложена на независно испитување од страна на експерти. Истовремено, нејзината актуелна локација до скоро не била позната, а изгледа и дека никој физички не ја видел по 1912.
Во спомнатиот текст, кој изгледа како модерна детективска приказна, авторот чекор по чекор ја следи траекторијата на портретот и се консултира и со литература и со експерти по историја на уметност. Четворица стручњаци за шпанскиот сликар Муриљо независно му одговараат на молбата за проценка, дека според нив тој не е автор на сликата. Копањето по белгиските музејски архиви му укажува на тоа дека два истоветни портрета (најверојатно оригинал и копија), сосе мотото и цртеж на Земјата која орбитира околу сонцето на него, се во сопственост на два белгиски музеја, а за негов автор се смета фламанскиот сликар Роман-Еуген ван Малдегем, кој ја насликал во - 1837.
Ова, придружено со истражување на популарноста на сцената кај други сликари од европскиот 19 век, укажува на тоа дека не станува збор за портрет кој настанал за време на животот или непосредно по смртта на Галилео. Мотото оттаму најверојатно е апокрифно, но ова не му одзема од значењето. Тоа вели „без оглед во што верувате, и со какви средства се заканувате, ова се фактите“. Став кој е всушност безвременски и може да се примени и на движењето на небесните тела, но и на други значајни факти, чие игнорирање не значи и нивно исчезнување.